Достапни линкови

Интервју - Панче Кралев


Нема да се откажеме од квалитетот на истражувањето во академската дејност да биде донесено на повисоко ниво, вели министерот за образование Панче Кралев.

Како нов министер за образование, дали планирате да направите корекции во однос на донесените измени минатата година, на законот за високо образование бидејќи тие предизвикуваат незадоволство кај универзтитетските професори. Прв пат или по подолго време видовме универзитетски професори кои излегоа на протест?

Значи измените во законот за високо образование беа направени со цел да се поттикне научно истражувачката свест и истражувањето кај професорите со тоа што би се дошло до објавување на трудови, меѓутоа и на некој начин да ги потикнеме професорите и сите што се дел од академската, од научно-истражувачката заедница да земат поголемо учество во истражувачката дејност. Ние како земја, ние како влада сме заинтересирани нашата академска заедница да биде проактивна во овој поглед и за таа цел некои од измените кои се предложени во законот за високо образование се токму во таа насока. Секако дека ние како министерство и во следниот период ќе ги следиме случувањата и коментарите, како и иницијативите на професорите, ние сме тука и постојано сме во комуникација со универзитетите, и државните и приватните универзитети, и во следниот период ќе ги разгледаме сите предлози и сите решенија кои доаѓаат и од нивна страна. Тоа значи во пракса едноставно кажано, дека ако видиме дека законот треба да претрпи одредени измени со кои ќе се подобри или ќе се постигне нашата цел, подобро и поефективно, тогаш секако дека тој закон, па и сите други закони кои се од областа на образованието може да претпрат измени, меѓутоа сакам да потенцирам дека нашата цел останува иста, ние нема да се откажеме од нашите намери истражувачката дејности и квалитетот на истражувањето во академската дејност да биде донесено на повисоко ниво.

Еве да речеме една од одредбите предвидува дека во наредните години неможе да биде професор оној кој што нема да објавува научни трудови. Колку се фер тие критериуми, со оглед на тоа дека не е зголемен буџетот за наука?

Од аспект на буџетот за наука можам да потенцирам дека веќе е формиран од страна на владата Комитетот за научно истражувачка дејност кој во наредните години ќе треба да го одреди темпото на зголемување на буџетот за наука и истражување. Тоа нас на некој начин ни е и обврска согласно ЕУ препораките, ако земеме дека во просек земјите од ЕУ издвојуваат и до три отсто од БДП за наука и истражување. Ние како земја која се соочува континуирано со фискални предизвици како и сите во регионот, неможеме да се обврземе на такви драстични зголемувања, меѓутоа наша цел е во догледен период согласно буџетските можности да обезбедиме поголем буџет за наука и истражување. Меѓутоа на еден од неодамнешните состаноци во ЕУ со колегите од западен Балкан на тема токму наука и истражување, беше општа констатација дека во програмите каде што партиципира не само нашата земја туку и останатите земји од регионот, нема доволно искористување на фондовите за таа намена. Тоа значи дека во голем дека партиципациите што ги плаќаат овие земји, меѓу кои и Македонија едноставно тие се рефлектираат доволно во искористувањето на можностите што ги нудат овие фондови.

Од друга страна хроничен е проблемот со недостаток на кадри. Со одредбите од законот се предвидува да нема асистенти, а и демонстраните сега ќе може да бидат само оние кои имаат докторски студи, а такви има малку. Како тогаш ќе се реши ова?

Пак ќе кажам, од аспект на јавните универзитети во Македонија меѓутоа и на приватните универзитети, генерално сме запознати дека постои дефицитарен кадар во академската заедница. Неколку пати разговаравме за тоа како е најдобро да се пристапи кон поплнување на овие места и како да се овозможи поголем пристап кон академската заедница од страна на заинтересираните студенти. Тоа значи во превод, како да ги поттикнеме студентите кои ги завршуваат своите студии да ги разледаат можностите за отпочнување на кариера во академскиот свет. Тоа не е проблем кој е својствен само за Македонија, голем број на други земји во регионот и пошироко имаат сличен проблем. Мора да бидеме свесни дека да се биде дел од академската заедница не значи само да се предава, тоа значи да се биде дел од еден поширок круг на обврски, меѓутоа и на предизвици, имајќи во предвид еден поширок поглед кон целите кои ќе бидат зацртани во стратегијата за научно истражувачката дејност.

Добро, но не мислите ли дека ако немате слух за барањата на професорите може да ги натерате тие да почнат да преминуваат на приватните факултети?

Пак ќе кажам, слух постои и веќе сме во редовна комуникација со ректорите на јавните универзитети. Се надевам дека од аспект на тоа што ние како влада сакаме да го постигнеме и предизвиците со кои тие се соочуваат на секојдневна основа, дали од аспект на некои од одредбите во законот или генерално како предизвици во својата дејност, дека ќе изнајдеме начин како тоа да не се случи затоа што нас во интерес, во долгорочен интерес на Македонија секако останува јавните универзитети да имаат еден истражувачки капацитет кој ќе биде обележје на Македонија во следните години.

Тенденција на владата, односно на министерството е да се воведат повисоки критериуми, но во образовниот систем кога зборуваме за основното, средното образование, понекаде се сретнуваме со основни проблеми. Некои општини се жалат дека некои дотации од министерството не се доволни за да се покријат и основите трошоци. Последен пример беше Студеничани каде што немаше превоз?

Јас не ги негирам потребите, ниту барањата на општините за зголемување на дотациите посебно затоа што живееме во свет каде што дел од овие трошоци варираат, ако го земеме трошокот за гориво, за транспорт итн, тоа не е нешто што е фиксно што неможете да го определите од денес за утре, а не пак од почетокот до крајот на годината. Така што во рамките на министерството секогаш имаме размислувања како таа формула што се користи за распределба на средствата да ја подобриме и да овозможиме подобра распределба на овие средства, меѓутоа сакам да нагласам една работа, тоа што се случува да дел од наставниците или учениците или било кој што е инволвиран во образовниот систем, да пристапи кон бојкот како решение за било кој од овие проблеми, ние не се согласуваме со тоа и нема да го прифатиме. Тоа е многу важен момент затоа што ние како министерство, а верувам пошироко и владата имаме на некој начин комуникација со општините, како и со директорите на училиштата така што не постои проблем за кој што верувам дека можеме да најдеме решение. Ги разбираме потребите на овие општини меѓутоа методите на бојкот не се тие кои треба да се применуваат во вакви ситуации.

Го споменавте бојкотот, на една друга тема, меѓуетнички односи. И годинава имаме проблем со барање на етнички чисти паралелки. Како планирате да се справите со овој проблем?

Што се однесува до таквите барања, ние како министерство неможеме да прифатиме етнички чисти паралелки. Ние веќе долго време работиме на концептот на интегрирано образование, бараме начини како континуирано и на терен да најдеме методи и инструменти кои ни се на располагање за да ги подобриме условите меѓутоа и да ги подобриме комуникацијата меѓу самите засегнати страни во образованието во ваков вид средини. Како што кажав, бојкотот нема да го реши проблемот, мора да се има постојана комуникација и со општината и со директорите и со министерството. Дел од основите училишта со процесот на децентрализација на образованието, ингеренциите се во рамки на општините. Ние како министерство доколку постои потреба сме подготвени да им излеземе во пресрет за да се задоволат барањата на основите училишта во рамки на овие општини.

Лани се случи убиство во училишен двор. Колку се заштитени училиштата? Почна да функционира системот еден полицаец на три училишта и дали е тоа доволно?

Станува збор за девијантна социјална појава која ние мораме да ја искорениме, меѓутоа дека ние ќе преземе една мерка и дека ќе го решиме проблемот, искрено не мислам дека тоа е така. Реонскиот полицаец е една добра мерка која на терен веќе функционира, значи има полицаец кој е задолжен за две до три училишта, и е одговорен и мора да биде на располгање на училиштето во секое време, меѓутоа секако дека и други инструметни и други техники планираме да ги примениме за да се искорени оваа појава. Техничките помагала, како камерите кои се имплементирани во некои училишта, се еден начин, меѓутоа верувам дека главниот начин преку кој можеме да дојдеме до решение на овој проблем е поширока социјална комуникација. Комуникација помеѓу градоначалниците, директорите на училиштата, наставниците, учениците, родителите и ние секако како министерство. Јас не се согласувам со тоа дека ние треба да наметнуваме одредени мерки, да наметнеме мерка камери или полицајци во секое училиште... Не е тоа начинот по кој треба да продолжиме понатаму, ние сме подготвени доколку училиштата, заедницата дојдат со одредено решение како ова да се надмине, ние како министерство ќе го поддржиме тоа.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG