Достапни линкови

logo-print

Филигрански перформанс зготвен во ритам


„Филигрански перформанс зготвен во ритам“ е насловено случувањето што заеднички го потпишуваат уметницата Марија Милошевска и музичарот Александар Петров.

Нецела година по изложбата Уметност во минијатура во Скопје и перформансот Оро во Струга, артистката Марија Милошевска наново ќе и ја претстави својата умешност и автентичните техники во изработката на филигран на публиката. Нејзината нова пројава во три дела, во која за драгоцен собеседник го има мајсторот на ударни инструменти Александар Петров, е именувана како „Филигрански перформанс зготвен во ритам“ и има за цел да и ја приближи на јавноста оваа интригантна спојка на традиционалното со модерното преку прикажување на самиот процес на изработка на едно вакво уникатно дело.
Оваа техника не е воопшто истражена, допрва почнува да се истражува, еве едно од тие истражувања на таа техника, се работи со жица, жицата има звук, барем јас тоа така го доживувам и може да се експериментира.

„Оваа техника не е воопшто истражена, допрва почнува да се истражува, еве едно од тие истражувања на таа техника, се работи со жица, жицата има звук, барем јас тоа така го доживувам и може да се експериментира, да се стилизира, буквално има се, има филм, има театар...“ Марија Милошевска е етнолог и антрополог што неколку години се занимава со традиционалната уметност и концептуалниот дизајн и таа за главна инспирација ја има музиката. Од таму несомнено е дека токму ритамот на удиралките на Петров, кој патем подолго време истражува на полето на етно и џез музиката, ќе биде компатибилен со она што таа сака да го нагласи во ваквиот креативен процес. Затоа не чуди што тој за ваквата иницирана соработка знае да забележи дека:

„Нема да бидат инструментите отсвирени на традиционален начин, туку ќе биде сосема минималистички со звуци, истражувања и на инструментите, но и од страна на Марија, она што таа го работи со филигранот.“

Нема да бидат инструментите отсвирени на традиционален начин, туку ќе биде сосема минималистички со звуци, истражувања и на инструментите, но и од страна на Марија, она што таа го работи со филигранот
Инаку, вториот дел се состои од поставка на неколку уникатни изработени уметнички предмети поврзани со музиката и музичките инструменти. Овие дела се резултат на подолг процес на креативно творештво од концептуален карактер. Предметите во својата основа го имаат филигранот комбиниран со останати материјали како полу-скапоцени камења, бакар, дрво, кожа и друго. Овие предметите ќе бидат изложени во галеријата и по крајот на перформансот.

„Ако изложбата претставува материјализирана поезија, перформаност би бил сликовита музика.“

Од друга страна, третиот дел на перформансот ќе понуди 6-7 фотографии печатени на сликарско платно кои се всушност репрезентативен дел од првата самостојна изложба "ОРОРОК" на Милошевска одржана во април оваа година. На овие уметнички фотографии изработениот накит е презентиран од изведувачите чија музика ја инспирирала изработката на делото. Фотографиите ќе бидат изложени во просторот Галерија 8 и во наредните седум дена.

Кон ова само уште информацијата дека за поцелосен и поубав впечаток кај публиката што ќе се собере во Безистен, изведбата на уметниците ќе биде соодветно озвучена а комплетниот нивни перформанс ќе биде проектиран со два проектора на две платна поставени на различни страни на овој галериски простор.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG