Достапни линкови

Борачите не обезбедија учество на ОИ


Најдобрите македонски борачи во слободен стил не ја искористија првата шанса за обезбедување настап на ОИ во Лондон.

Најдобрите македонски борачи во слободен стил не ја искористија првата шанса за обезбедување настап на ОИ кои по 10 месеци ќе се одржат во Лондон. Иако заминаа убедени дека барем еден од Дејан Митров, Љуљзим Вранези и Дејан Богданов, ќе се пласира меѓу првите шест во својата категорија, никој од нив на минатомесечното СП во Истанбул, не стигна ниту до четвртфиналето. Ваквиот епилог уште еднаш потврди дека спортот кој важи за еден од најтрофејните кај нас, во моментов е далеку и од златната средина во светски рамки. За тоа, може да се бара оправдување во само половично одработените мундијалски подготовки, како и во немањето среќа со жребката во Истанбул. Но, и според селекторот Страшо Глигоров, најголемиот проблем е во тоа што борењето повеќе години не е во тек со случувањата вон македонските граници.

„Факт е дека нашите борачи во изминатиот период немаа доволен број на натпревари, меѓутоа факт е исто така дека светското борење е отидено исто така многу далеку во тренирањето, исхраната, условите, додека ние во тој дел не ги следиме светските трендови и немаме доволен број на подготовки, немаме спортска база... Ова не е мое алиби, меѓутоа мора да кажеме дека навистина треба да ги следиме светските трендови доколку сакаме да имаме врвни резултати“, изјави Глигоров.

Факт е дека нашите борачи во изминатиот период немаа доволен број на натпревари, меѓутоа факт е исто така дека светското борење е отидено исто така многу далеку во тренирањето, исхраната, условите, додека ние во тој дел не ги следиме светските трендови.
Тој, сепак, е оптимист и верува дека неговите избраници напролет ќе се изборат барем за една олимписка виза, за што ќе имаат три шанси, и тоа на квалификациските турнири кои во април и во мај идната година ќе се одржат во Бугарија, Кина и во Финска. Таму за пат во Лондон ќе треба да се освои едно од првите две места, што не е невозможно, смета селекторот. Но, под услов во целост да се одработи планот за подготовки, чиј старт е предвиден за наредниот месец. Тоа, пак, значи дека се потребни работа и вложувања во борењето, бидејќи:

„Врвниот спорт има одредни стандарди кои мора да се почитуваат се со цел да се изгради еден врвен спортист пред себе мора да имаме една широка селекција, сите тие таленти кои ќе бидат да имаме еден континуитет во нивната работа, соодветни услови, мораме да имаме центар за подготовки, мора да имаме експерти за исхрана и други пропратни работи, а во Македонија тоа го нема“, рече селекторот Страшо Глигоров.

Тој додаде и дека не е реално да се бара олимписка норма од борачи кои имаат само 1 - 2 меѓународни настапи во една сезона. За таков успех, според него, неопходни се учества на најмалку 5 - 6 турнира годишно.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG