Достапни линкови

logo-print

Потчинетоста пред стручноста


Архивска фотографија: Ирена Цветковиќ на протест против проектот Скопје 2014 на 17 април 2010 година.

Архивска фотографија: Ирена Цветковиќ на протест против проектот Скопје 2014 на 17 април 2010 година.

Поразително е тоа што секој што јавно говори ќе наиде на проблеми, вели познатата активистка Ирена Цветковиќ, која не го доби асистентското место на Филозофскиот факултет.

Потчинетоста е поважна од знаењето, реагираат професори на Филозофскиот факултет во Скопје, откако Наставничкиот совет на факултетот не ја избра познатата активистка за човекови права, Ирена Цветковиќ, за асистент во областа на родовите студии, иако нејзината кандидатура добила позитивно мислење од рецензентската комисија.
Секој оној што сака јавно да говори ќе наиде на проблеми во различни сегменти од живеењето меѓу кои и вработувањето. Ова за мене е поразителна порака.

Со одлука на истиот Наставнички совет, таа една години работеше како демонстратор на факултетот, а една година беше и администратор на Институтот за родови студии.
Цветковиќ не е избрана поради критиката на хомофобични наводи во учебник по Педагогија, напишан од професорки од факултетот.
x
Цветковиќ не е избрана поради критиката на хомофобични наводи во учебник по Педагогија, напишан од професорки од факултетот.

Друг интересен детаљ е што Цветковиќ не е избрана за асистентка, иако никој не гласал „против“. Од 51 член на Советот, само 10 гласале „за“, а сите останати биле воздржани. Никој од членовите на советот не сакал да спори со позитивната рецензија на тројца универзитетски професори, Слободанка Марковска, Денко Скаловски и Владимир Давчев – стручњаци во областа на родовите студии, но се солидаризирале со колегите што биле против нејзиниот избор.
Воопшто никој не ги оспори ниту нејзините квалитети, ниту нашата позитивна рецензија. Расправата тргна во сосема друга насока затоа што беше спомната една колумна на Ирена која што повредила професорки кои напишале учебник по педагогија.

Причините за неизбирањето, Цветковиќ ги детектира во нејзиниот критички став за учебник напишан од професорки од факултетот. Во колумна, објавена во весникот Дневник, Цветковиќ ги критикува хомофобичните наводи во учебникот по Педагогија за трета година гимназиско образование, на авторите Марија Костова, Анета Бараковска и Ели Маказлиева. Првите две се професорки на Филозофскиот факултет. Професорките ја тужеа Цветковиќ за навреда и клевета, но го изгубија спорот, а нивниот учебник беше повлечен од употреба.
Молчењето е злато дури и на Факултетите.
x
Молчењето е злато дури и на Факултетите.

„Причините во моето CV едноставно не може да се детектираат за неизборот. Од друга страна, наставно-научниот совет има право да гласа, таа форма е испочитувана за тоа нема збор, меѓутоа она што за мене останува е еден поразителен факт дека секој оној што сака јавно да говори ќе наиде на проблеми во различни сегменти од живеењето меѓу кои и вработувањето. Ова за мене е поразителна порака.“

Еден од рецензентите, професор Слободанка Марковска жали што Цветковиќ не е избрана за асистент. Ова не е само загуба за неа, туку е и огромна загуба за институтот, вели таа. Неизбирањето на кандидат што има позитивна рецензија е преседан. Не се сеќавам дека во овие 30 години колку што сум на факултетот, имало случај наставничкиот совет да не избере кандидат кој има позитивна рецензија, вели Марковска.

„Воопшто никој не ги оспори ниту нејзините квалитети, ниту нашата позитивна рецензија. Расправата тргна во сосема друга насока затоа што беше спомната една колумна на Ирена која што повредила професорки кои напишале учебник по педагогија, во која што таа многу смело, како активистка, кажа дека ставовите за хомосексуализмот не се во ред и не се точни.“
Јас се солидаризирав со колешката бидејќи ја знам повеќе од 15 години, која е многу почитувана од сите нас колегите, ја сакаат и студентите. Можеби тоа беше пресудно за одлуката за избор или неизбор на асистент.

Деканот Горан Ајдински признава дека солидарноста со професорките што имале спор со Цветковиќ, можеби било пресудно за нејзиното неизбирање.

„Да, се солидаризирав со колешката бидејќи ја знам повеќе од 15 години. Таа е многу почитувана од сите нас колегите, таа е добар професор, ја сакаат студентите и колегите. Можеби тоа беше пресудно за одлуката за избор или неизбор на асистент.“

Сепак, тој остро ги демантира наводите дека лобирал, вршел притисок или го поттикнал „тивкиот бојкот“ за Цветковиќ. Откако дискутираа професорите и јас се изјаснив, но е просто неверојатно некој да може некому да каже како да гласа, вели тој.

„Деканот по мое мислење, како добар декан, според мене, мора едноставно да ги штити интересите на сите свои колеги.“

На институтот за родови студии не е избран друг асистент, туку конкурсот е поништен. Цветковиќ вели дека не планира повторно да конкурура зашто, како што вели, повторно нема да ја изберат, а ќе ги стави во напријатна позиција професорите што ја подржале нејзината кандидатура.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG