Достапни линкови

logo-print

Превирањата во СДСМ, состојбата во медиумите - дел од темите во неделните печатени изданија.

„Без медиуми имаме нетраспарентна држава“ - ја цитира Глобус, констатацијата на „Транспарентност Македонија“ преку нејзината извршна директорка, Ана Јаневска Делева.

Се стеснува просторот за јавен критички осврт врз работењето на Владата на Република Македонија и нејзиниот докажан афинитет за нетранспарентно трошење на јавни средства, сметаат во оваа невладина организација. Тоа го констатирале од фактот што во летните месеци продолжиле исклучително негативните трендови во медиумите и во медиумската индустрија во земјава што влијаело мошне негативно на состојбите со транспарентноста во државава.

Разурнати стандарди

Покрај затворањето на А1 ТВ, печатеното издание на неделникот Глобус, дневните весници Шпиц и Време на списокот на медиуми што ја прекинаа својата работа во август се придодадоа и неделникот Форум, месечникот Лајф магазин, новинската агенција Макфакс...

Според Јаневска Делева, чие мислење го пренесува Глобус, во своето електронско издание, силните заемни персонални, политички и бизнис поврзаности, честопати со оправдани сомневања за криминал и корупција, меѓу елитата на власт и некои од најкрупните медиумски сопственици, водат до задушување на слободата на изразување, нарушување на професионалните новинарски стандарди и до цензурирање на новинарскиот труд во тие медиуми.

„Транспарентност Македонија“ оценува дека сево ова, како и форсираното финансирање преку рекламни пари само на одредени медиуми и најгрубото претворање на јавниот сервис МРТ во приземно пропагандно средство на власта јасно ја оцртува нејзината идеолошка и бизнис стратегија во сферата на медиумското дејствување во Македонија.

Вриежи во опозицијата

Со превирањата во најголемата опозициона партија се занимава Фокус во својот уводник: „Бучковски ќе може да го реформира и СДСМ, доколку самиот направи нова партија!“ - констатира неделникот. Објаснувајќи ги веќе познатите тези за изборните неуспеси на СДСМ, нели, поради неприкосновениот лидер, Бранко Црвенковски, Фокус ги набројува трите „гревови“ на Бучковски кога беше премиер: пред сите останати ја прифати независноста на Косово, па серозно сметаше на затоплување на односите со Бугарија и, како трето, стигна премногу блиску до каминот спроти Џорџ Буш.

Тоа, според неделникот се трите точки на кои контрира мнозинството гласачи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму, оној што сака да „гази“ на нив врз себе нема да го преземе товарот на партиски, туку и на општествен реформатор, а штом веќе решил да реформира, Бучковски нека го преземе целиот товар, препорачува Фокус. Можеби нема да успее, но барем нема да жали дека загинал без изваден кубур, при толку реденици на градите, завршува неделникот.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG