Достапни линкови

logo-print

Дивјакоски се борат со тешкиот живот


Драги и Љубица Дивјакоски

Драги и Љубица Дивјакоски

Љубица и Драги Дивјакоски веќе не ја добиваат социјалната помош за нега од друго лице, иако Љубица е закована за креветот по претрпениот мозочен удар и парите им се неопходни.

Љубица и Драги Дивјакоски живеат во прилепското село Крушеани. Таа цел живот била домаќинка, па не остварила право на пензија. Нејзиниот сопруг кој што бил регистриран земјоделец добива минимална пензија од 7100 денари. Изминале три години откако Љубица е закована за креветот. По преживеаниот мозочен удар и силните крварења таа добила трајни парези на повеќе делови од телото. Не може сама да ги извршува физиолошките потреби, не може ниту да се храни. Лежи немоќна во креветот, среќа може барем да му даде знак на сопругот за да и пружи помош.
Ние ги поднесовме документите, добро в ред. И од тогаш се прекина работата не знаеме што е, кога да одиме таму да прашаме, некогаш тука се, некогаш не се тука, ни одговараат „ќе видиме, ќе дојдиме“ и уште доаѓаат

„Што да ви велам, проблемите, еве стари сме двајцата што велат престари, таа е престарена. Јас еве 84 години правам, а таа е во 89-та година. Женава е парализирана 3,5 години. Падна и лежеше во болница цело време, но ја пуштија, видоа дека не бидува ништо. Имаше излив на крв во мозокот, па ја вратија и од тогаш таква е ситуацијата“, вели сопругот Драги.
Драги Дивјакоски

За да и обезбеди подобри услови за живот и да закрепне што може побргу, побарале и добиле помош за нега од друго лице, која изминативе 2,5 години им била исплаќана во висина од 4.180 денари, преку Меѓуопштинскиот центар за социјална работа. Поднеле документи и во јануари годинава, но досега не добиле ниту денар помош, ниту одговор зошто е тоа така.

„Ние ги поднесовме документите, добро в ред. И од тогаш се прекина работата не знаеме што е, кога да одиме таму да прашаме, некогаш тука се, некогаш не се тука, ни одговараат „ќе видиме, ќе дојдиме“ и уште доаѓаат, 3,5 години никако не се дојдени, да видат арно-лошо, да видат што е, и така останавме.“

Се жали овој стар човек. Споделувајќи ја својата мака, Дивјакоски вели дека тој пере, чисти, мие, се грижи за хигиената на сопругата и домот.
Комисијата одлучува за динамиката и датумот на доаѓање и посета на семејствата. Врз основа на лекарскиот наод и мислење, се врши категоризација на корисниците на кои им се исплаќа сума во висина од 3.700 до 4.200 денари

Мачно му е и затоа што не може да ја изнесе на воздух, кога се сончеви деновите. За се тој бара помош од соседите. Благодарение на нивната човечност од неодамна добиле инвалидска количка, па сега Љубица почесто е во дворот.

„Ако ја кренеш, добро, има сега една количка, една жена во комшиите почина, па ни ја дадоа луѓето на услуга. Па по некогаш ќе ја фатам за рамената, за да ја ставам во количката, па да ја извадам малку на воздух. Но, ми треба помош и за тоа.“

Од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа потврдуваат дека барањето е примено во јануари година и во законски рок е ажурирано до ресорната Комисија во Министерството.

„Комисијата одлучува за динамиката и датумот на доаѓање и посета на семејствата. Врз основа на лекарскиот наод и мислење, се врши категоризација на корисниците на кои им се исплаќа сума во висина од 3.700 до 4.200 денари. Центарот носи само решение и ги трансферира средствата кои ги добива од Министерството“, објаснува директорката Снежана Јованоска.

Таа потврдува дека има застој и дека на листа на чекање се над 400 барања, а дека месечно се добиваат по 100 нови. Но, по одлуката на комисијата средствата на корисниците им се исплаќаат ретроактивно.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG