Достапни линкови

Штрајк на грчките цариници, проблеми на границата


Штрајкот на грчките царински работници што почна изутрината, целосно го блокира товарниот сообраќај на граничните премини кон Грција. Патничкиот транспорт продолжува да функционира, но со пропуштање патнички возила на секои два часа, во интервали од половина час. Целосен застој има и кај товарниот меѓународен железнички сообраќај. На железничката станица во Гевгелија се очекува да пристигне само товарниот воз со никелова руда наменета за индустијата „Фени“ од Кавадарци, кој ги завршил царинските прегледи и добил одобрение за премин пред да почне штрајкот на царинските работници од грчка страна. На пругите од грчка страна остануваат заглавени два воза, еден натоварен со деривати наменети за Косово и меѓународен воз со празни вагони кој треба да се врати назад. Нивниот премин ќе биде можен по завршување на 48 часовната блокада на премините со Македонија, најавена за четврток изутрина. Штрајкот на грчките царински служби е втор во овој месец.
XS
SM
MD
LG