Достапни линкови

Во Охрид, конференција е-Демократија


Конференција е-Демократија во Охрид
Конференција е-Демократија во Охрид

Македонија лидер во регионот во воведувањето на електронски, комуникациски и информатички технологии. По е-влада, воведен и е-парламент - дел од заклучоците на конференцијата во Охрид.

Топовите хартија во македонскиот парламент и сликите на долги редици со граѓани кои чекаат пред шалтерите на државните институции, заминуваат во минатото, поради развојот на електронските, комуникациски и информатички технологии како двигател на демократијата, по што Македонија е лидер во регионот на југоисточна Европа и е меѓу поразвиените земји во светот. Пред пет години почна проектот е-влада, а пред две е-парламент, за што изготвувачот, нашиот ИТ лидер „Некстсенс“ искуствата им ги пренесува на Албанија, Косово, Источна Европа, Блискиот Исток и Африка.
Министерот за информатичко општество Иво Ивановски

„Како може да се трансформира работата на еден парламент со помош на технологија, сето тоа во насока како да се олесни пристапот на граѓаните до информациите за тоа што работат државните институции, од една и од друга страна да се дозволи граѓаните притоа да учествуваат во процесот на носењето на одлуките и законите. Ако го анализираме македонскиот парламент, ќе видиме дека тој целосно транспарентно ги пренесува информациите. Замислете како тоа би било без употреба на технологија? Како можеме ние на сите граѓани да им овозможиме за тоа денес тоа што се дебатира на седниците на собранието или на комисиите, сите материјали некој да може да ги добие, за што би биле потребни пет илјади страници копија, што е речиси невозможно. Тоа денес јас можам да го направам уште во текот на седницата, или веднаш по неа да ги добијам видео и аудио снимките, стенограмите, можам да добијам многу информации кои претходно не сум можел“, вели Васко Кроневски, извршен директор на „Некстсенс“, што во Охрид ја организира втората конференција Е-демократија, на која учествуваат 100-тина претставници на фирми од 15 држави од светот, како и стручњаци од Светската банка и Европската комисија.

„Активно вклучување на граѓаните во оценување на администрацијата, тоа е воведувањето на такавиканиот семафор на уредот, со којшто се пилотира во пет институции во Македонија и ветивме дека наскоро тоа ќе се инсталира во сите останати институции во државава каде има шалтери, ќе се надгради системот со дополнителни функционалности, каде активно ќе влијае и врз оценувањето на службениците од другата страна, ќе има можност за оценување преку интернет, а дискутантите воспроведените истражувањата предложија да се оценува и преку мобиолен уред“, ги објаснува придобивките од е-демократијата министерот за информатичко општество Иво Ивановски.

„Не е Македонија добра само во кошарката, туку и во решенијата за развојот на е-демократијата, што практично значи отворање на институциите кон граѓаните. Денес голем проблем е неповрзаноста меѓу политичките елити и граѓаните. Кога седум билиони луѓе во светот се менаџираат од 193 земји, голем предизвик е како владите управуваат со ресурсите и како тие одговараат на потребите на граѓаните или бизнисите во обезбедувањето подобра иднина со алатката информатичко општество кон што тежнее Македонската влада, што е и светски тренд“, вели Блаж Голоб, директор на Центарот за развој на е-влада во Љубљана, коорганизатор на конференцијата во Охрид.

Пораката од конференцијата е дека целта е информатичките решенија во блиска иднина да се применат во лоцирање и надминување и на локалните проблеми што ги мачат граѓаните, од кои во Македонија околу 60 проценти користат интернет, а околу 10 проценти електронски ја следат работата на државните институции.
XS
SM
MD
LG