Достапни линкови

Оддалечување од можно решение


Обраќање на премиерот Никола Груевски на Генералното собрание на Обединетите нации.
Обраќање на премиерот Никола Груевски на Генералното собрание на Обединетите нации.

Говорот на Груевски во ОН - Оддалечување од можно решение за компромис за името или засилени позиции поради приближувањето на ставовите со опозицијата?

Се обиде и на овој начин. Со директни прашања и со обид да разбуди емоции, премиерот Груевски побара разбирање од меѓународната заедница и потсети на до сега покажаната наша одговорност во надминувањето на спорот со соседна Грција. Многу малку оптимизам, пак, разбуди дома дека меѓународната заедница ќе прифати своја одговорност за овој спор којшто за неа значи само фактичка состојба којашто бара решение. Во она што го слушнаа во ОН од премиерот и покрај дадените ветувања пред генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, дека преговорите ќе се интензивираат, дел од македонските експерти препознаваат само оддалечување од можното решение.
Според него,[Груевски н.з] е постигната црвената линија.
Денко Малески, универзитетски професор

„Во изјавата, тој вели дека ние сме биле одговорни и конструктивни, дека сме биле земја која што на мирен начин ја остварила својата независност, дека сме го смениле Уставот, дека сме го смениле знамето, меѓутоа тука тој става крај на нашите компромиси бидејќи, според него, е постигната црвената линија“, вели поранешниот министер за надворешни работи, професор Денко Малески.

„Јас мислам дека некако се сфати како да се нема намера за некаков компромис, во тој говор такво нешто немаше“, изјави аналитичарот Исмет Рамадани.
Некако се сфати како да се нема намера за некаков компромис.
Исмет Рамадани, политички аналитичар.

На настапите на премиерот во изминативе денови во седиштето на ОН со малку поинаков тон гледа политичкиот аналитичар Владимир Божиновски. Според него, настапот на премиерот бил последица на чувството дека консензусот внатре во државата е посилен откако и опозицијата појасно ги искажа своите ставови по ова прашање и ги покажа како прилично приближени кон оние на власта. Тоа, според Божиновски, ги прави македонските црвени линии појасни, што сакал и премиерот да го истакне во својот говор, засилувајќи ги почетните позиции во постигнувањето на конечниот компромис.
За аналитичарот Владимир Божиновски, настапот на премиерот е последица на чувството дека консензусот внатре во државата е посилен.

„Откако едната страна, генерално политиката во Македонија излезе со поконкретни ставови, сега и премиерот можеше да излезе со определени конкретни почетни позиции, како што се оние црвени грчки линии бидејќи тие беа во предност, тие имаа некаков консензус којшто може да се смета за стартна позиција.“
Откако едната страна во Македонија излезе со поконкретни ставови сега и премиерот можеше да излезе со определени конкретни почетни позиции.
Бладимир Божиновски, политички аналитичар.

Кај дел од експертите, пак, прашањето на единството е се уште дискутабилно зашто и не може да се изгради од недоречени нешта коишто се уште не биле предмет на научна дебата. Една таква дебата, како што велат, би покажала дека единство воопшто и не постои, па успех претставува ако прашањето во меѓувреме не се претвори во причина за внатрешен раздор.

Дотогаш, единството се гради само околу националниот мит на Александар Македонски, заклучува професорот Малески, на кој полагаат право двете страни во спорот којшто на овој начин, според него, е само нагласен како и идентитетски.
XS
SM
MD
LG