Достапни линкови

Прилепскиот театар ниже успеси


Претставата „Кавкаски круг со креда“ има освоено шест награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ и уште три на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица.
Претставата „Кавкаски круг со креда“ има освоено шест награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ и уште три на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица.

Прилепскиот театар со бројни меѓународни гостувања со претставите „Кавкаски круг со креда“ и „Антица“. Првиот проект веќе освои девет награди.

Откако ги реши градежните, просторни проблеми и кадровски се екипира, прилепскиот театар ниже успеси. До крајот на годинава гостува на два реномирани драмски фестивала во Љубљана и во Лајпциг со две претстави „Кавкаски круг со креда“ од Брехт, во режија на Мартин Кочоски и „Антица“ од Ристо Крле во режија на Бранко Брезовец.
Две врвни остварувања на прилепскиот ансамбл. Со првиот проект веќе се освоени девет награди.

„Претставата е навистина бренд за Прилеп, и не само за Прилеп туку и за Македонија, затоа што во изминативе години освои девет награди. Шест награди на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и за среќа и за радост голема наша, беа доделени уште 3 награди на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица, награда за најдобра претстава, за кореографија или сценска игра и награда за музика“, изјави Тони Чатлески, директор на прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“ во чии рамки функционира театарот.

Претставата „Кавкаски круг со креда“ е избрана од селекторот на фестивалот „Експонто“ во Љубљана.

„И оваа година на малку домашни фестивали ќе се појави, меѓутоа ќе се појавиме повеќе на меѓународен план. Повторно не нема на МОТ од необјасниви причини. Но, не има на „Експонто“ во Љубљана покрај многу познати театари од Романија, од Унгарија, од Чешка, од Полска, учествува театарот „Умато“ од Бугарија... значи тоа е еден избор од југословенските простори. Од Македонија сме единствените претставници“, вели Стојан Дамчески, раководител на театарот.

Додека во ноември, театарот „Војдан Чернодрински“ ќе ја претставува Македонија во Лајпциг, вбројувајќи се меѓу 10-те врвни европски театарски куќи.

„Тоа е „Еуросцена“ во Лајпциг во Германија. За прв пат учествуваме на тој фестивал. За нас навистина е задоволство да се најдеме во кругот на така познати театри. На тој фестивал учествуваат 10 европски театри, Прилеп успеа да влезе со претставата „Антица“ и ќе имаме 2 изведби.“

Гостувањето во Лајпциг е финансирано од Министерството за култура. А за настапот во Љубљана прилепскиот театар ќе мора еден дел од средствата сам да ги обезбеди. По реакциите, иако бил потрошен фондот за оваа намена, Министерството сепак обезбеди половина од потребната сума за гостување, а помош пристигна и од локалната самоуправа. Остатокот пари театарските работници треба да ги обезбедат со работа. Но, за да не се повтори оваа ситуација полна со нервози и тензии пред гостувањата, прилепскиот театар апелира до надлежните.

„До Министерството апелираме да одлучи кои се тие фестивали кои се од значење за Република Македонија. Ако еден „Експонто“ кој што е од светско реноме не е значаен, ако „Стериино позорје“ или „МЕСС“ не се значајни... Поголемиот дел од фестивалите се одржуваат во втората половина од годината. Се надевам дека овој проблем набрзо ќе го согледаат, затоа што подолго време инсистираме на таа ситуација.“

Дамчески додава дека сите македонски театри бараат Министерството да има фонд за оваа намена, кој што континуирано во текот на целата година ќе биде на располагање на театарските куќи. А, не како досега да се бара театрите да аплицираат за учество на фестивали со месеци порано, кога воопшто немаат сознанија дали некој нивен проект ќе биде избран од селекторите на реномираните меѓународни фестивали.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG