Достапни линкови

Неделен печат


Новинарскиот скандал во Брисел и повторните поделби на предавници и патриоти, извинувањето на Бошкоски до Мијалков - дел од темите во неделниците.

Што ни донесоа деновите по кошаркарските игри во Литванија? Новинарски игри, и тоа во главниот град на Европската Унија - Брисел! И ете ти свежа храна за народецов наш, а се разбира и за медиумите. Да пишуваат и информираат самите за себе. Заборавив, и нови поделби, поточно, потенцирање на старите и веќе познати: предавници и патриоти, предавници - кодоши и бранители - патриоти.

Фокус - Ем дебата барале, ем сценарио за растурање на дебата смислиле!?

Токму на најновиот македонски „бисер“ на неразумноста, и тоа не дома, туку таму, на територијатаа на Европа, е посветен и уводникот на Фокус, кој, тоа што се случи во Брисел, во Европскиот парламент, го нарекува дебакл на новинарите патриоти. „Ем дебата барале, ем сценарио за растурање на дебата смислиле!?“ - се чуди, и во исто време, се прашува авторот на уводникот. Новинарската, во наводници, патриотска тројка, Мирка, Миленко и Нонковиќ, се посрамоти среде Брисел. Залудно им беше сето повикување на одбраната на Македонија, заради која божем беа фатиле толкав пат далечен. Кој може да верува во тврдењето дека сакале да ја спасат Европа од еднострана дебата со новинарски „чпиони“, кога самата Мирка не додржа па се пофали дека нивната намера била токму растурање на дебатата. Божемните патриоти ја оплескаа работата... Тие го спасија или го дозакопаа следниот европски извештај за државава? - прашува Фокус.

Глобус - Брат Љубе неспособен за судење, способен за извинување

Глобус, пак, во најновиот број е заинтригиран за случајот „Љубе Бошкоски“, поточно го анализира случајот со неговото писмено извинување до неговиот тужител Сашо Мијалков, по што овој ги повлече дури трите тужби против Бошкоски. Во текстот со наслов: „Брат Љубе неспособен за судење, способен за извинување“, Глобус прашува дали добивме навестување дека во процесот „Кампања“ ќе бидеме ускратени за сите оние важни моменти на кои судењето на политички лидер можеше лесно да стане судење на една владеечка политика? Неделникот пишува за чудните работи околу судењето: тоа започна на 15 септември, но претходно на обвинетиот му се поднесени тужби за клевета од страна на видни личности на власта, а тој решава да се брани со молчење. Во исто време, кај паралелните тужби за клевета се бара спогодбено решавање на споровите, откако Бошкоски им се извинува на, под наводници, погодените. Зад кулисите на случајот, во затворот Шутка можеби се одвива некаква игра за тоа како ќе продолжи судењето во кое треба и волкот да биде сит и овците на број, а евентуално да страда само демократијата и демократските процеси, бидејќи полека ќе се суспендира интересот на јавноста за судбината на Љубе Бошкоски, се сомнева Глобус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG