Достапни линкови

Интервју – Мендух Тачи


Проблемот со името треба да го решат Македонците, тоа е нивен проблем, вели Мендух Тачи лидер на ДПА, во интервју за РСЕ.

Г-дине Тачи, тивки сте по изборите, им давате шанса на владејачките политички партии како ќе владеат и имате ли вие стратегија за настап во овој парламентарен мандат?

Прво, ние ги изгубивме изборите, го признавме резултатот иако имаше многу места каде изборите беа наместени. Второ, оваа политичка тактика е да не се овозможува дека владата има алиби, бидејќи има друг проблем, мислам дека успеавме до некаде и внатре на граѓаните и на меѓународната заедница да им докажеме дека тука имаме само еден проблем, а тој проблем е владата на РМ, опозицијата се однесува коректно. Трето, почнуваме да ги почитуваме процедурите, без процедура нема демократија, сепак им овозможивме тие 100 дена, посебно на нашиот политички конкурент ДУИ да ни докажат на нас и на граѓаните колку ќе успеат тоа што го ветија на изборите да го исполнат. Тие 100 дена полека поминуваат и иако се работи за старо-нова влада и старо-нов трик, знаете тие не направија влада два месеци по изборите, иако тоа се смета како нивно владеење, сепак ќе ги почекаме тие 100 дена и после ќе настапи малку поактивно политички.

Дали ова значи дека го надживеавте бојкотот на парламентот како стил на однесување, ќе бидете конструктивна опозиција?

Па бевме и тогаш конструктивна опозиција, иако се сложувам со вас дека имаше многу недоразбирања, посебно од меѓународната заедница за нашиот бојкот. Јас сепак мислам дека бојкотот е демократска институција, ние не тргнавме кон други политички чекори кои може да ги наречеме порадикални и поекстремни. Сега нема да аплицираме таква политика на бојкот, но тоа не значи дека нема да бидеме активни. На крајот ако сите се увериме, и граѓаните и ние како политичка партија во опозиција, дека оваа влада нема капацитет да ја однесе земјата напред, сигурно ќе бараме друг излез, повторно демократски излез, а тоа се предвремени избори.

И вие бевте дел од тие кои што бараа предвремени избори, меѓутоа многу не се офајдивте од тоа, чувствувате ли вие лично како претседател на партијата одговорност?

Нормално да, јас ги изгубив изборите. Баравме предвремени избори бидејќи мислевме дека навистина граѓаните на Македонија ќе одлучат гласот да и го дадат на другата алтернатива. Не можете тука во Македонија сепак да ги делите на Албанци и Македонци, се работи за позиција и опозиција каде има политички партии на Албанци и Македонци. Навистна сносам одговорност, Албанците не ми го дадоа мандатот за владеење, но ми дадоа друг мандат, јасно, децидно дека јас сум неприкосновен лидер на опозицијата кај Албанците. Можев да го направам и последниот чекор да се повлечам бидејќи ги изгубив изборите, но анализирав дека тоа може да се смета за дезертерство. Тие што се обидоаа да емитираат и да конкурираат како опозиционери, претрпеа катастрофален пораз од мене сите други политички конкуренти, и затоа мислам дека не е добро за партијата, не е добро ниту за Албанците, не е добро ниту за Македонија, јас сега да се повлечам од политичката сцена.

Јас би се вратила малку на вашата политичка платформа во која што и официјално ја внесовте вашата идеја за нов политички договор. Како мислите да го остварите овој план?

Прво, позната е мојата политичка кариера веќе 18 години. Никогаш не сум бил во планина, никогаш не сум употребил вондемократски методи за постигнување на некоја политичка платформа и во оваа насока зборувам и за новиот политички договор. Прво, се зборува за начинот на одлучувањето. Мислам дека одлучувањето во Македонија е комплетно во рацете на еден народ, се аплицира, се гледа, се почитува во институциите на државата само политичката волја на Македонците. Начинот на одлучување не е добар, ние сме два народа кои имаат капацитети на државотворност и на „државорастурање“. Начинот на одлучување во институциите треба да биде со целосен консензус помеѓу овие два народа. И второ, се работи за буџетот, мислам дека ова е малку попрактична и поразбирлива работа. Буџетот на државата се злоупотребува од страна на еден народ, врз грбот на другиот народ. Ден денеска во некои сегменти на општеството, како култура, образование итн, за Албанците од буџетот на државата се доделува само три отсто.
Добро, ние и со Рамковниот договор сме држава на етнички заедници.

Како вие мислите да го направите албанскиот народ државотворен?

Не, тоа е фарса. Ако вие земате даноци од мене и од тие даноци да ми враќате само три посто не можам јас да ја доживеам таа држава како моја, можам само да бидам мазохиста како господинот Ахмети. Ако во мојата култура се инвестира само два или три посто, или во моето образование, да не зборуваме за полиција, безбедност, војска итн, мислам дека без да дојдеме до две основни начела ние имаме обврски како народ кон оваа држава, треба да и бидеме лојални, но нема лојалност без права, лојалност без права, нема да се случи. Мислам дека овој нов политички дијалог што ние нудиме, сите недостатоци на Охридскиот договор ги исполнува.

Кога велите консензуално дејствување на владата, вие не мислите дека таа така функционира?

Не. Мислам дека владата функционира по консензуален принцип од групи на интереси и непотизам. Ако вие ја сметате како голем интерес на Албанците, амнестијата што ВМРО-ДПМНЕ и ја даде на ДУИ, јас тоа го сметам како целна група, луѓе пет-шест или лидерот на таа партија кој доби консензус. Мислам дека поразбирливо ќе биде ако само распределбата на буџетот сега што се направи ако се земе да се анализира ќе видите дека тука нема никаков консензус бидејќи ДУИ има само фиктивни позиции или фолклорно-романтична власт.

Се надевам дека ги слушнавте повиците за обединување кои што ги упатија и премиерот и претседателот на државата,, гледате ли клима во државава за да се случи такво нешто и како вие ќе придонесете да се случи тоа обединување?

Не, напротив тие повици ги сметам како повици за покорување. Така збореа 90-тите години и други луѓе, не сакам да бидам погрешно разбран од Македонците, но навистина така мислам. Ако навистина постои таа битка, а верувам дека постои, за да се зачува идентитетот и името, таа битка не може да се добие по друг пат, единствено таа битка има смисла директно по патот кој што не води кон НАТО и ЕУ и мислам дека може да се издејствува некаква победа. Друг пат не гледам, зашто го залажуваме народот, граѓаните, дека ние ќе опстоиме. Како ќе опстоиме? Второ, повикувам на поголема чувствителност за компромис, сите народи на Балканот направија компромиси. Тие се тешки, но мора да се направат.

Меѓутоа вие изјавивте дека не ве засега многу прашањето за името. Како да го толкуваме тоа?

Не ме интересира, бидејќи се што ќе кажам погрешно ќе се сфати. Јас не преферирам и политичко одлучување на референдум каде ние Албанците со 99 отсто би гласале да се промени вашето име, тоа не е решение. Проблемот со името треба да го решат Македонците, тоа е нивен проблем.

Но, тоа е име и на вашата држава?

Да, ама проблемот е во тоа што името на оваа држава е поврзан со вашиот идентитет.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG