Достапни линкови

Честитки до кошаркарите за успехот на ЕП


Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски упати честитка до селекторот и играчите на македонската кошаркарска репрезентација за освоеното четврто место на 37-то Европско првенство во Литванија.
Со вашиот херојски подвиг ја внесовте Македонија во големата европска четворка, ги обединивте нашите срца и освоивте симпатии низ целиот свет.
Секој од нас во државата, но и сите наши граѓани ширум светот, се радуваат и прославуваат во своите домови и плоштади, рамо до рамо, сплотени и горди на Вашите историски успеси.
Со играта, посветеноста, храброста и самопожртвуваноста, покажавте дека на Македонија и е местото во Европа, дека имаме тим кој е сериозен предизвик и за најголемите кошаркарски сили и е подготвен да се носи со нив и да победува.
Браво момци - Вие сте нашата гордост!, стои во честитката од претседателот на СДСМ до македонската кошаркарска репрезентација.

Честитки до кошаркарите упати и претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети. Спортистите се најдобрите амбасадори на една земја и кошаркарите на Македонија тоа го докажуваат на најдобар начин преку постигнување на најголемите спортски успеси на меѓународната арена, се вели во честитката од Ахмети до кошаркарите.
Универзитетот ФОН, пак ќе им додели почесни академски титули на членовите на кошаркарската репрезентација на Македонија. Академските титули се доделуваат врз основа на пожртвуваноста и афирмирање на македонскиот спорт од страна на целокупната репрезентација, се вели во соопштението од ФОН.
XS
SM
MD
LG