Достапни линкови

Дебата или алиби?


Тркалезна маса на тема „Предизвиците и перспективите на македонскиот медиумски сектор“
Тркалезна маса на тема „Предизвиците и перспективите на македонскиот медиумски сектор“

Медиумските работници изразуваат надеж дека дебатата меѓу власта и медиумите ќе биде искрена, а не е само барање алиби пред извештајот на ЕК.

Ситуацијата со медиумите ќе се подобри кога новинарите и политичарите ќе сфатат дека не може да бидат пријатели или партнери, тие треба да бидат во конфликт за доброто на двете страни. Ова е дел од дискусијата на новинарот Столе Наумов, кој е член на Советот за Радиодифузија на денешната тркалезна маса „Предизвиците и перспективите на македонскиот медиумски сектор“ организирана од Секретаријатот за европски прашања и Здружението на новинарите на Македонија.
Актуелната владеjачка партија кога беше во опозиција предлагаше членовите на Советот за радиодифузија да се избираат со дво-третинско мнозинство што е идеален предлог. Но, за жал сега партијата што го има мнозинството размислува поинаку.
Столе Наумов, член на Советот за радиодифузија.

Наумов изрази надеж дека дебатата меѓу власта и медиумите е искрена, а не е само барање алиби пред извештајот на ЕК. Тој посочува дека ситуацијата со медиумите ќе се реши кога ќе се обезбеди поголема храброст, интегритет и саморегулација што не зависи од владата, туку од самата новинарска заедница.

Наумов го критикува лицемерието на најголемите политички партии во однос на слободата на медиуми, посочувајќи дека ова прашање ги интересира само кога се во опозиција.

„Актуелната владеjачка партија кога беше во опозиција предлагаше членовите на Советот за радиодифузија да се избираат со дво-третинско мнозинство што е идеален предлог, но за жал тогаш не беше прифатен, да се обезбеди материјал со интегритет меѓу членовите на Советот. Но, за жал сега партијата што тогаш била во опозиција размислува поинаку.“

Новинарот Александар Чомовски посочува дека политичките елити треба да сфатат дека новинарството не е во криза, туку оти во криза се политичките елити кои не можат да го сфатат значењето на слободата на говор. Тој констатира дека во македонските медиуми нема дебата и полемички ставови.
Кога ќе ги погледате медиумите и кога ќе ги видите вестите и ќе ги прочитате текстовите, имате впечаток дека живеете во Алиса во земјата на чудата.
Александар Чомовски, новинар.

„Кога ќе ги погледате медиумите и кога ќе ги видите вестите и ќе ги прочитате текстовите, имате впечаток дека живеете во Алиса во земјата на чудата.“
x

Претходно, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека еден од основните приоритети на владата се начелата на отчетност и транспарентност. Таа посочи дека донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е во насока на поголема транспарентност. Јанкулоска се пофали со транспарентноста на МВР и посочи дека интернет страницата на министерството стигнала до 7,5 милиони посетители. Таа наведе примери за непрофесионален однос на некои новинари и медиуми.

„Почитувајќи ги институциите, во многу наврати се обративме таму каде што е местото, се разбира во Советот за радиодифузија. За жал добивме одговор, кој барем мене како функционер кој раководи со таа институција, не беше задоволувачки, мислам дека не беше соодветен.“

На ова иронично реагира Столе Наумов од СРД:

„За жал ние не постапивме така како што вие баравте, велам за жал затоа што ако постапевме така, Советот ќе ги затвореше сите медиуми што неаргументирано го напаѓаа. И јас бев меѓу тие што ги напаѓаа, де ваков сум бил, де таков сум бил. Ако постапевме така како што баравте ќе требаше да ги затвориме и Советот ќе се спасеше од неаргументирани напади.“

Јанкулоска: „Баравме да го почитувате законот.“

Наумов: „Законот забранува говор на омраза, се друго е слобода на изразување.“
Падна на испитот МВР и нејзиниот портпарол, кој инаку беше новинар, во моментот кога ја сокрија основната информација за убиството на Мартин Нешкоски.
Александар Чомовски, новинар.

Новинарот Александар Чомовски реагираше на тврдењето на Јанкулоска дека МВР е транспарентно.

„Падна на испитот МВР и нејзиниот портпарол, кој инаку беше новинар, во моментот кога ја сокрија основната информација за убиството на Мартин Нешкоски. Тоа во секоја репрезентативна европска држава ќе претпоставуваше политичка и етичка одговорност за дел од оние кои ја сокрија таа информација, се друго што после тоа се случуваше е своевидна мимикрија и манипулација со информациите.“

Заменик претседателката на ЗНМ, Маја Јовановска, констатира дека ова е погубна година за новинарството.

Генералните заклучоци од средбата
се: да се формира работна група составена од Владата и претставници на ЗНМ која ќе го води дијалогот, поддршка на слободата на изразување во атмосфера ослободена од лични навреди и дисквалификации, новинарите и уредниците максимално да ги почитуваат професионалните стандарди и етика, сопствениците на медиумите да започнат социјален дијалог со новинарскиот синдикат, ЗНМ и други невладини организации да се вклучат во процесот на донесување на законите кои се однесуваат на медиумите, владините институции засилено да ја следат примената на законите за да се обезбеди еднаков третман на сите медиуми на пазарот, да се отвори дебата за начинот на распределба на буџетските средства за рекламирање на Владата и другите владини институции во медиумите, да се зајакне јавниот сервис МРТ и да се изготви стратегија за развојот на медиумите...

На тркалезната маса, покрај министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, присуствување вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи, претставници на Советот за радиодифуџија, МИМ, невладини организации кои се занимаваат со истражување на медиумите, новиот американски амбасадор Пол Волерс, амбасадорот на ОБСЕ Ралф Брет, претставник на ЕК од Канцеларијата во Скопје и други амбасадори и претставници на дипломатскиот кор, уредници и новинари од сите национални медиуми во земјава.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG