Достапни линкови

Дамир Имери со дело за Трпчески


Дамир Имери, композитор и инструменталист

Дамир Имери, композитор и инструменталист

„Концертот за пијано и оркестар“ е делото на македонскиот композитор и инструменталист Дамир Имери што тој неодамна го напиша силно инспириран од виртуозноста и успехот на пијанистот Симон Трпчески.

Почестен сум што се создаде Концерт за пијано и оркестар што ми е посветен мене. Секое ново дело е како новороденче и убаво е чувството кога човек искрено му се радува. Тоа доаѓа сосема природно. Јас сум уште и посреќен за ова дело од причина што во него има многу содржина која е на некој начин и мултидимензионална – дело кое во сржта е старо-македонско, заради обработката на 3 прекрасни македонски песни (од кои едната е омилена во моето семејство) и едно оро, а музичкиот јазик на кој е напишано - е современ. Промоцијата на нашата музика, а истовремено преку неа и поезијата и историјата, е од непроценливо значење. Мислам дека овој концерт ќе има историско значење за македонската музичка литература и е, по мое мислење, прв од таков тип кој достигнува исклучително високо ниво, и музички и технички, создаден кај нас.
Мислам дека овој проект ќе прозвучи низ светот преставувајќи го нашиот фолклор, а и начинот на кој јас размислувам во моментов.
Ова го вели во својата писмена изјава македонскиот пијанист Симон Трпчески по обнародувањето на веста дека композиторот Дамир Имери за него го напишал Концертот за пијано и оркестар чиј прв став - Фантазија на две фолкорни теми, веќе од јануари 2012 година, ќе прозвучи на светските подиуми на кои ќе музицира нашиот виртуоз. Изјавата, доаѓа во меѓупросторот помеѓу двата негови концерта – веќе одржаниот вчеравечер во Хонг-Конг и престојниот во Лондон на 17 септември, а во нејзиното дополнение тој вели дека бил трогнат од една од обработените песни.

„Особено задоволство ми е што проектот излезе онака како што Симон и јас го замисливме. Мислам дека овој проект ќе прозвучи низ светот преставувајќи го нашиот фолклор, а и начинот на кој јас размислувам во моментов“, истакнува Дамир Имери.

Тој е еден од врвните македонски инструменталисти и автори кој зад себе има голем број на остварувања. Твори во класичната музика за што се едуцирал, но подеднакво е успешен и во џезот и во областа на традиционалната музика. Имери не е само одличен инструментаист кој моментално како тромбонист е член на Оркестарот на МОБ, туку низ времето сцената ја делел со врвни изведувачи како Јан Акерман, Влатко Стефановски, Тони Китановски, Ѓорѓи Шарески и други, а мнозина со право го сметаат и за извонреден аранжер.
Луѓето и светот да се позанимаваат малку со нашите ритми и со нашите фоклклорни мотиви и да навлезат во самата душа на тој фолклор и да го почувствуваат од внатре

Говорејќи за делото чиј прв став Фантазија на две фолклорни теми премиерно ќе биде изведен во јануари 2012 во Ставангер, Норвешка, а потем ќе го чуе и публиката во Загреб, Сиетл, Пекинг, Гвангжу и Познањ, Имери истакнува дека целта му била:

„Луѓето и светот да се позанимаваат малку со нашите ритмови и со нашите фоклклорни мотиви и да навлезат во самата душа на тој фолклор и да го почувствуваат од внатре.“

Инаку, во изминатиов период композиции на Дамир Имери се најдоа на албумот СИРИНКС што летово го сними и објави македонскиот Квартет флејти, а наскоро ја очекува и изведбата на своите творби што ги напиша за дуото Маја и Љубиша Кировски што треба есенва да се случи во Лондон.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG