Достапни линкови

logo-print

Според коментарите на прилогот „Дебата за медиумите“ странските претставници во земјава немаат којзнае колкава доверба меѓу граѓаните.

Прилогот „Дебата за медиумите“, во кој меѓу другото го најавуваме Неделното интервју на Радио Слободна Европа со британскиот амбасадор во земјава, Кристофер Ивон, во кое тој покрај другото одговара и на прашање за слободата на медиумите во Македонија, ги предизвикал неколкумина наши слушатели да го испратат своето мислење кое, главно, може да се сведе на констатацијата дека странските претставници во земјава немаат којзнае колкава доверба меѓу нашите граѓани.

Мичо, на пример, смета дека кај нив нема дури ни суптилен притисок кој би можел да се очекува во вакви ситуации и пишува дека сите трчкаат кон власта, а откако ќе си заминеле се правеле многу паметни. Диме од Куманово го прашува амбасадорот Ивон дали овие забелешки им ги кажува на, како што вели, пријателите од ВМРО и од ДУИ, или само за јавноста колку да се каже дека меѓународната заедница, ете, е загрижена. Виновниците треба да се именуваат со име и презиме, директно за Сител - Ѕинго, Стојменов за Канал 5. Диме слушнал и дека некои министри од ДУИ почнале да купуваат свои медиуми и смета дека и меѓународната станала дел од проблемот. Агим го поддржува Димета изнесувајќи дека странски дипломат во приватен разговор ја искажал својата загриженост за сегашната дипломатска гаритура во земјава дека била од дискутабилен квалитет и дека не требало ништо да се очекува од нив. Малку треба да позајмиме од односот на ВМРО кон меѓународната бидејќи им поминува тоа да ги замолчат амабасадорите. Агим потврдува дека весникот Журнал бил отворен со помош на Муса Џафери и Енвер Малиќи.

Нашиот редакциски текст со прашањето дали во ситуација на речиси идентични ставови постојат можности за обединување на спротивставените политички табори за најсериозниот наш предизвик - спорот со името, веќе редовниот слушател Димче Дамески Смилево 1903 испратил вообичаено долг коментар, со познатите ставови, што го предизвикало исто така редовниот слушател, кој одамна не се беше јавил, С дупло В да му забележи на Димчета зошто дава неправилни дијагнози дека мозоците на некои политичари се заразени со отровни вируси, па пишува: Не можам да откријам со кој вирус си заразен ти, особено за мислењето во 2013 година да почнат преговори за обединување на Македонија?! Тоа нема да се случи ни во 42 век од сега и кога поставуваш дијагнози за други, прво постави си дијагноза за својот мозок, му порачува С дупло В на Димче Смилево 1903.

Иво се чуди за изјавата на Нимиц дека спорот со името бил недоразбирање околу транскрипцијата на името на англиски и прашува зошто во тој случај премиерот зборува за јазици, идентитети или промени на име. Се' ми се чини дека сите оние кои дебатираат на ова тема 20 години се во „офсајд“, заклучува Иво.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG