Достапни линкови

logo-print

Прославата на Денот на независноста 8 Септември, најкоментирана тема од слушателите на нашата веб-страницата.

Прославата на Денот на независноста 8 Септември е тема што најмногу ве испровоцирала да ги испратите своите коментари на нашата веб-страница, почитувани, а ние во наредните две и пол минути ќе ги препрочитаме оние највпечатливите, според нашиот избор, се разбира.
Проектот Скопје 2014 забрзано се довршува во пресрет на прославата на 20-годишнината од прогласувањето на независноста.

Глигорче од Скопје пишува дека предвидената парада и забавната програма биле во ред, само се прашува како ќе се одвива парадата на овие горештини, и што ќе правеле учесниците со по 600 денари дневница. Да се каже вистината, другите ваши пораки се забелешки на правописот и на лекторирањето на текстот „Независноста ќе се слави цел септември“. Но во исто време, Горан му забележува на слушателот потпишан со Г-дин Лектор што забележува за правописот, но тоа го пишува на латиница.
Како ќе се одвива парадата на овие горештини, и што ќе правеле учесниците со по 600 денари дневница?!

Драган од Кина, откако го прочитал текстот „Грандиозна прослава за самостојноста“ ни забележува дека сме правеле контрапропаганда против Македонија и дека баш требало да има парада, песна за Македонија и споменик и на Александар и на кој било друг. Не можеме ние Македонците да израснеме од комплексот на ниска вредност - пишува Драган, додека не се прифатиме какви што сме, без разлика на антика или Словени, Македонците се Македонци и тоа ќе останат - извикува Драган од Кина.
Триумфалната капија или официјално „Порта Македонија“ се привршува.

Димче Дамевски - Смилево 1903 Даме Груев (ова му е редовниот потпис на коментарите) како и секогаш во своите огромни коментари ги повторува жалопојките за судбината на Македонците и ги обвинува сите во светот за таа судбина. Едно нешто што заслужува внимание од пораката е дека Димче реагира зошто се намалува бројката на зраците на 16-кракото Сонце по спомениците во Скопје и вели дека тоа е понижувачки и поништувачки чин.
Не можеме ние Македонците да израснеме од комплексот на ниска вредност, додека не се прифатиме какви што сме, без разлика на антика или Словени, Македонците се Македонци и тоа ќе останат.

Петер, претпоставувам дека е грешка, па тоа е Петар, од Абу Даби смета дека не ни требаат споменици туку ни треба свест да сме се разбуделе од долгиот зимски сон што трае веќе 20 години и дека македонскиот народ требало да ги следи стапките на арапскиот свет и да ги преземе проблемите во свои раце, зашто изгледа немаме, како што пишува, свесна и сериозна политичка партија која може земјата да ја води во подобро утре. За споменикот на Александар порачува, претпоставувам до Владата, да се ослободела од расипаните илузии и да престане да го малтретира македонскиот народ.

И како за крај, малку економија: Дека септември ќе биде кризен месец, потврдува и пораката на Бојан од Скопје кој пишува дека трошоците за набавка на основните продукти се се' поголеми, а ќесето на едно просечно семејство се' попразно. Особено по летните одмори за кои смета дека ако некој нема пари не треба да оди по одмори, а не да се земаат кредити за да не се смееле комшиите дека немате пари. Ц,ц,ц, пусто Македонче, ја завршува својата иронична порака Бојан.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG