Достапни линкови

Уште многу за договарање


Преговарачите на Србија и на Косово, Борислав Стефановиќ и Едита Тахири во Брисел.

Преговарачите на Србија и на Косово, Борислав Стефановиќ и Едита Тахири во Брисел.

Важен чекор кон подобрување на односите во регионот. Ваква е генералната оценка на аналитичарите во Србија и Косово за договорот меѓу Белград и Приштина за царинските печати постигнат минатата недела во Брисел. Тоа, според нив, е важно и за натамошниот тек на техничките преговори меѓу двете страни. Сепак, тие се скептични дека се ќе оди брзо и едноставно.

На царинските печати, според договореното во Брисел, ќе пишува царина Косово без никакви други знаци поврзани со косовските власти.
Со предизборната кампања ќе има многу мала подготвеност за некои рационални политички одлуки и ќе преовладува популистичкиот манир за решавање на косовското прашање.

Тоа пак, според очекуваното, треба да резултира со укинување на взаемното трговско ембарго. Освен тоа, на петочните разговори во Брисел бил постигант договор и за катастарските книги со цел да се заштитат легитимните права на граѓаните.
Изгорениот граничен премин Јариње
x
Изгорениот граничен премин Јариње

На овој успех му претходеше одлагањето на јулската рунда разговори поради несогласувањето околу решението со царинските печати, како и обидот на косовските специјални полициски сили да ги преземат премините Јариње и Брњак на северот на Косово.

Веднаш потоа, група српски екстремисти го запалија Јариње, а косовските Срби поставија барикади за да го спречат влегувањето на косовските полицајци на север. Тоа доведе до подигнување на тензиите.
Не само дијалогот околу печатот, туку и другите точки што косовската и српската делегација ќе ги договорат во Брисел, убеден сум дека ќе влијаат за релаксирање на односите меѓу Белград и Приштина

Аналитичарите и во Белград и во Приштина се согласуваат дека решението ќе ја релаксира напнатоста меѓу двете страни.

„Апсолутно, не само дијалогот околу печатот, туку и другите точки што косовската и српската делегација ќе ги договорат во Брисел, убеден сум дека ќе влијаат за релаксирање на односите меѓу Белград и Приштина“, вели Фадиљ Маљоку, професор на Универзитетот во Приштина.

Со него се согласува и политичкиот аналитичар од Белград, Дејан Вук Станковиќ, кој смета дека решението за печатот треба да биде некаков вид модел како да се решат сите други отворени прашања. Но, тој не е убеден дека до тоа ќе дојде брзо и едноставно.

„Таков впечаток имам, посебно во светлината на фактот што тука се приближува предизборна кампања и што ќе има многу малку подготвеност за некои рационални политички одлуки и што ќе преовладува популистичкиот манир за решавање на косовското прашање“, оценува Станковиќ.

Дека се е само на почеток и оти следат напорни разговори се потврдува и од изјавата на шефот на српскиот тим Борислав Стефановиќ кој вели дека прашањето со печатите не е поврзано и со граничните премини.

Од друга страна, главната во приштинскиот преговарачки тим, Едита Тахири, оценува дека за премините не може да се разговара со оглед на тоа што, според резолуцијата на Обединетите нации станува збор за техички дијалог на кој не се разгледуваат политички теми.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG