Достапни линкови

logo-print

Интервју - Теута Арифи


Реформите во јавната администрација, судството, значи што и досега беше адресирано во извештајот, е уште еднаш и во листата, вели вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи.

Г-ѓo Арифи утре истекува рокот до кога Македонија треба да одговори на новата листа критериуми кои што од нас ги бара ЕУ за да добиеме датум за преговори. Успеавте ли да завршите со обврските од листата „Санино“?

Од кога ја добив листата сметав дека е најдобро да се одговори акционо така што подготвивме акционен план по секоја од темите што беше на листата, владата го усвои тој акционен план и мислам дека ги адресиравме сите прашања кои беа на листата на Санино и имаме наши активности по сите тие прашања.

Зошто бевте толку таинствени околу деталите во таа листа и имаше ли на пример забелешки кои што се однесуваат на состојбата со медиумите во Македонија?

Таинственост мислам дека не е соодветниот збор затоа што јас мислам дека за тоа зборував пред матичната комисија, комисијата за европски прашања во Собранието на најотворен и најтранспарентен начин на собраниското тело кое е одговорно за европските прашања фактички ги дадов информациите и подготвеноста да се одговори на листата. Не е ништо особено тајно, нема ништо особено ново, според мое размислување тоа е можеби концентрирање на некои прашања за кои и онака ги адресира фактички извештајот за Македонија, нема ништо ниту тајно, ниту ново.

Ги спомнавте тогаш и реформите во јавната администрација?

Реформите во јавната администрација, судството, значи сите работи кои и досега биле адресирани во извештајот и можам да кажам дека се подвлечени уште еднаш и добро е што е така затоа што ни даде можност поконцентрирано да работиме на некои теми кои што мислам дека се значајни не само за ЕУ, туку се особено значајни и за нас.

Уште еднаш ќе ве прашам, беа медиумите споменати, имаше некакви забелешки околу тоа?

Не, не се работи за забелешки туку се работи за теми во однос на развојот на демократијата што опфаќа многу повеќе елементи вклучувајќи ги секако и медиумите.

Г-ѓа Арифи во кои сектори детектиравте најголеми слабости и застој во однос на спроведувањето на реформите?

Мислам дека треба да поработиме во однос на реформите во целина, и добро се работи, има добра активност, но треба уште повеќе во однос на реформите и ефикасноста на јавната администрација, не треба да го занемариме фактот дека судството и целиот тој процес е под голема лупа на ЕУ и тука исто така треба да се поработи. Мислам дека добар е целиот овој процес на партнерство со ЕУ што овозможува и кај нас ентузијазам и мотивација за да обезбедиме една потребна динамика во однос на овој процес.

Значи судството и понатаму останува критична област, еве има доста изјави од дипломати во Брисел кои укажуваат на тоа дека постои застој во тие процеси?

Не можам да кажам дека има застој, мислам дека треба да го промениме кон подобро имиџот и мислам дека тоа може да се направи. Јас имав состаноци и со високите судски инстанци, мислам дека гледам волја, подготвеност и таа подготвеност треба да се покаже и мислам дека ќе биде ценета и од Брисел.
На што го темелите оптимизмот дека во октомври Македонија ќе добие добар извештај за напредокот од ЕК?

Оптимизмот не можете да го темелите на ваши желби, можете да го темелите на тоа што го правите. Јас го темелам врз основа на тоа како одговоривме најпрво и на листата, го темелам и врз тоа дека можеби можеме да дадеме еден нов потик на процесите, мислам дека имавме добри избори, што мислам дека ќе се признае во извештајот и мислам дека ќе биде извештај со кој ние ќе поминеме, ќе добиеме приодна оценка, можеби не највисоката, но има ситуации кога е битно да поминете и сметам дека ќе поминеме и од тоа треба да бидеме задоволни. Инаку очекувам реален извештај, очекувам тоа што сме да ни се каже, каде што сме добри да ни се каже, каде што треба да се подобриме да ни се укаже, а ние тоа да го направиме.

Прашањето за името останува главна пречка за нашите евроинтеграции. Деновиве ваши партиски колеги изјавуваат дека е можно решение до следниот самит на НАТО во април 2012 година. Гледате ли подготвеност од македонската влада за скоро решавање на ова прашање?

Јас волјата и подготвеноста, како позитивна волја сум ја гледала секогаш и мислам дека таа добра волја била и треба да продожи да се покажува, како што сметам дека таква волја треба да биде покажана и од другата страна, но јас сум рекла повеќе пати и повторно ќе споменам дека за нас можеби ова прашање е поурентно и позначајно отколку за другата страна, затоа што ние сме надвор од клубот, а тие се внатре во клубот и ете можат и вака да не блокираат и да не кочат, а не е во наш интерес да останеме надвор од процесот затоа што е значаен тој евроатлантски процес. Сметам дека треба да дадеме потик, да покажеме добра волја, енергии наши да вложиме за да излеземе од блоката, затоа што на крајот на краиштата тоа е наш интерес.

Како ги коментирате изјавите на домашната стручна јавност дека откако сте вие на оваа функција, ДУИ ќе го интензивира притисокот за побрзо решение на ова прашање?

ДУИ не мисли дека работите и овој процес треба да го реши со некаков вид на притисок туку со покажување на подготвеноста што ја имаме како партија да дадеме придонес во надминување на проблемите и деблокирање на евроатлантските процеси затоа што евроатлантските процеси се базична филозофија на ДУИ како партија, процеси кои имаат 100% поддршка од нашите гласачи, што нас ни дава обврска повеќе да се залагаме со сиот капацитет што го имаме и ние сме подготвени тоа институционално, со нашите лични и професионални капацитети, тоа да го дадеме не како помош туку како придонес кон процесот и очекуваме и мислиме дека тој придонес ќе биде добро пречекан и позитивно оценет.

Ни се заканува ли опасност од укинување на визната либерализација имајќи ја во предвид злоупотребата на барањата за азил во некои од европските земји?

Треба да се третира сериозно како прашање, мислам дека на таквите најави или незадоволство од страна на партнерите во Белгија дека тоа е веќе проблем, ние треба да одговориме кон нашите граѓани и треба да им укажеме и би ја искористила приликата да укажам дека не треба да бидат жртви на интереси на разни агенции кои би сакале да вршат транспорт и евентуално да ја доведат под знак прашање можноста на сите граѓани да патуваат без визи.

Како ќе се справите со проблемот на злоупотреба на средства од европските фондови? Во минатото имаше случаи на неправилно користење на овие средства кои што Македонија ги добива од европските фондови?

Најпрво секако дека сите надлежни органи треба секако да се позанимаваат со тоа, Јас мислам дека каде што е можно би го вложила максимално својот авторитет за да нема злоупотреба на средства, тие се средства кои и се даваат на земјата, на граѓаните, институциите за да направиме добри дела, а не тие да се злоупотребуваат и мислам дека треба да се однесуваме одговорно, а во име на таа одговорност секако дека ќе се ангажирам и јас колку што ми дозволуваат можностите и функцијата.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG