Достапни линкови

Независност - успеси и промашувања


Најави за спектакуларно одбележување на Денот на независноста
Најави за спектакуларно одбележување на Денот на независноста

Каде сме после две децении независност, успеаа ли политичарите да ги остварат зацртаните цели, како живеат граѓаните...?

Се ближат дваесет години од денот кога Македонија прогласи независност. Во 1991 година на осми Септември граѓаните излегоа на референдум на кој се изјаснија на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“ Според објавените резултати, самостојноста на Македонија беше поддржана речиси стопроцентно.

Се исполнија ли зацртаните цели?

Прашањето кое се поставува денес е колку политичарите ги исполнија тогаш поставените и зацртани цели. Дали македонските политичари во заден план пред државните интереси ги ставија желбата за власта, привилегијата, моќта и парите е прашање кое треба да си го постават сите граѓани на оваа земја. Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека во изминативе години политичарите покажале дека најважна им е фотељата, а не развојот на земјата.

„За жал ништо не научија 20 години од опкружувањето околу каде се случуваа слични работи, дека треба да работат за народот, а не само власт да се гледа. Јас лично не сум почувствувал некоја разлика дека некој политичар направил нешто.“

„Воопшто веќе не верувам во политичари.“

„Само мислат на себе воопшто не мислат за народот.“

„Од самостојноста до сега ние изгубивме 10 години во ветер, ги фрливме, а ако одиме со ова темпо уште ќе одат на празно.“

Стојан Андов кој беше Претседател на собранието од 1991 до 1996 година вели дека дваесетгодишнината од независноста е еден пристoен период за да се видат некои основни перформанси на државата. Според него актот за прогласување на независнот се покажал како оправдан и оваа земја навистина има капацитет за да се зачува независноста.

„Овие прилагодувања што се направени да речеме со Рамковниот договор и пред тоа со признавањето, па со Грција и Времената спогодба итн, мислам дека ги има, се јавуваат кај сите земји што имаат стекнато независност па потоа постепено ја закрепнуваат својата позиција. Во основа нормално се развивала земјата со сите тегоби и противречија.“

Ние мораме да направиме се за да функционираме се повеќе како модерна европска држава и да се реформираме во таа насока во сите области на нашето живеење, според тоа тие реформи кои што ќе направат една ефикасна, демократска држава од Македонија мора да продолжат


Тито Петковски кој беше пратeник и потпретседател на првиот состав на собранието вели дека огромни биле очекувањата од осомостојувањето на Македонија. Имало навистина голема желба и мотив кај граѓаните да покажат доколку се свои на своето и да имаат подобар, побезбеден живот и сами да одлучуваат за својата судбина. Од историска дистанца по 20 години може да се каже дека таквите очекувања на граѓаните се изневерени.

„Главна причина според мене е што македонскиот политички фактор, сите политички партии наместо да се концентрираме на остварувањето на државните интереси, такви големи очекувања на граѓаните, мислам дека фокусот го ставивме на консолидирање, зацврстување на политичките партии и на таа основа меѓусебната политичка пресметка практично на втор план и на спореден колосек ги исфрли државните интереси.“

Исмет Рамадани кој беше дел од првиот состав на Парламентот вели дека по прогласувањето на независноста на Македонија законодавниот дом бил со големи амбиции дека ќе направи демократска, правна држава, добри меѓуетнички односи и развој на економијата, која би и донела благосостојба на сите граѓани.

„После 20 години ние можеме да констатираме дека многу работи се променети во Македонија во однос на демократијата и во однос на тоа што значи слободи и права на граѓаните.“

Партиите пред државните интереси

Според Денко Малески кој во првата Влада по независноста беше на функцијата министер за надворешни работа, Македонија тогаш ја исполнила својата задача мирно да го помине распаѓањето на Југословенската федерација. Следното што требаше да се исполни е да се постават правилно стратешките цели на Македонија, а во тие времиња не беше едноставно да се каже јасно и гласно дека перспективата на земјата е во членство во НАТО и ЕУ.

„Темелите беа поставени меѓутоа градењето на зградата, имено членството во овие две организации стана проблематично, во меѓувреме се разбира како што демократскиот систем налагаше договор, компромис и меѓу партиите внатре, од политичарите некогаш да се откажат од некои свои приоритети и привилегии во интерес на државата и нејзиното побрзо остварување на стратешките цели се појавија и првите тешкотии, се виде дека тоа не е лесно.“

Главна причина според мене е што македонскиот политички фактор, сите политички партии наместо да се концентрираме на остварувањето на државните интереси, такви големи очекувања на граѓаните, мислам дека фокусот го ставивме на консолидирање, зацврстување на политичките партии

Ги прашавме граѓаните што мислат кои се успесите и промашувањата на земјава во изминативе 20 години.

„Изминатите 20 години не успеавме да дефинираме заедничка цел, значи проформа. Се декларираме за демократска земја, европска земја, територија која припаѓа во Европа меѓутоа ниту по менталитет, ниту по чекорите што ги преземаме не покажавме дека сакаме да бидеме Европа. Успех? 20 години независност, тоа е сепак успех за држава која е опкружена со земји од минатото, земји од сегашноста, кои секогаш ни правеле проблем.“

„Промени нема ништо, можеби ова сега што градат нештоа, така по европски, споменици, ваму таму... Економијата малку да се подобри и ќе биде подобро.“

„Недостасува перспектива за младите, во образование како прво, како второ би го издвоила уредувањето на градот, во доволна мера е постигнато и како трето владата треда да даде приоритет на вработувањата.“

Закочени ЕУ и НАТО интеграции

Андов смета дека од 2006 година па наваму земјата стои во место и не ги прави чекорите во правецот кој веќе беше заземен, како што е неможноста за влез во НАТО и ЕУ, што е голема слабост и ризик за Македонија.

„Интеграцијата неможеме да одиме. Ние во 2005 година добивме статус на кандидат, од таму наваму неможеме да мрднеме.“

За жал ништо не научија 20 години од опкружувањето околу каде се случуваа слични работи, дека треба да работат за народот, а не само власт да се гледа. Јас лично не сум почувствувал некоја разлика дека некој политичар направил нешто

Според Рамадани останува фактот дека Македонија од лидер во регионот, остана без влез во Алијансата.

„Досега требаше не само да ги започнеме преговорите со ЕУ туку требаше да бидеме членка на ЕУ. Но, како и да е единствена сатисфакција ни е тоа што денеска имаме независна држава со добри шанси да имаме една убава земја каде што пристојно би се живеело.“

20 години независност - успеси и промашувања
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:08 0:00


Петковски смета дека и ден денес државните интереси се уште не се реализирани.

„Македонија сеуште меѓународно не е призната, безбедноста поради НАТО сеуште е во прашање, меѓуетничките односи не се консолидирани, граѓаните не живеат подобро, не функционираат сите делови на политичкиот систем онака како што би требало во рамките на европските стандарди.“

Досега требаше не само да ги започнеме преговорите со ЕУ туку требаше да бидеме членка на ЕУ. Но, како и да е единствена сатисфакција ни е тоа што денеска имаме независна држава

Малески вели дека во последниве години Македонија заплива и во некои националистички води, што не води во конфронтација со Грција и ни создава проблеми во евроатланската интеграција, а притоа треба да се решат и другите препреки на тој пат.

„Ние мораме да направиме се за да функционираме се повеќе како модерна европска држава и да се реформираме во таа насока во сите области на нашето живеење, според тоа тие реформи кои што ќе направат една ефикасна, демократска држава од Македонија мора да продолжат, но подеднакво важно е и отстранувањето на бариерите за полноправно членство во НАТО и во ЕУ.“

Вината Петковски ја лоцира токму кај политичарите кои ја предводат државата.

„Апсолутно внатрешната демократизација ја заборавија како процес, односно еве бидејќи сум во политичка партија не бегам од тоа дека дел од она што не е реализирано и јас како политичар имам соодветна одговорност, така што никој неможе да избега од таа одговорност.“

Се декларираме за демократска земја, европска земја, територија која припаѓа во Европа меѓутоа ниту по менталитет, ниту по чекорите што ги преземаме не покажавме дека сакаме да бидеме Европа
Според Андов во наредните години треба да се поправат грешките од минатото кои го стопираа развојот на Македонија, односно да се најде решение за спорот со името со Грција.

„Тоа што требаше уште тогаш да се направи, во 2006 година, требаше да не се комплицираат работите туку да се најде решение за спорот со Грција и ќе беше се во ред.“

Според Петковски мора да се направи консензус меѓу политичките партии за стратешките прашања на Македонија. Консезус вербален има, но дефакто тој не постои, бидејќи политичките партии и од македонскиот и од албанскиот блок се поделени.

„Дефинитивно е време да сватиме дека граѓаните очекуваат од политичките партии да ги обединат во остварувањето на тие интереси, тука треба политичарите да полагаат испит на зрелост.“

Рамадани вели дека државниот врв и владите во изминативе години требало да бидат похрабри. Само така ќе успеале да ги решат проблемите, кои се појавија на патот. Најважното што треба да го сфатат политичарите е да ги стават државните интереси пред се и за кои треба консензус меѓу релевантните политички играчи и меѓуетнички консензус.

„Затоа што таков консензус полесно би поминале, односно би се донеле одлуки кои се важни за државата.“

Според Малески потребно е поинакво поведение од она што го имаат партиите денес, односно да соработуваат на вашните прашања од национален интерес.

„Свест дека мораат да прават, внатрешни, домашни компромиси пред се во договор на стратегија за да можат и надвор да прават компромиси за остварување на таа цел. Ете тоа ќе биде нешто на што ќе треба партиите да работат.“

Може во државата и не ни е толку спектакуларно, но секогаш остануваат годините што доаѓаат. Но, едно е сигурно спектакуларно ќе биде одбележан денот на независноста и цел септември ќе помине во тој знак.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG