Достапни линкови

Можната средба Груевски-Папандреу на Генералното собрание на ОН во Њујорк, односно темата за името, доминира во дневниот печат.

Во изминатава недела, од тенката понуда информации во дневниот печат, се чини, најмногу внимание предизвикуваат вестите за можната средба на премиерите Груевски и Папандреу на септемвриското заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Заедно со нив и вестите за можното обновување на блокираните преговори со Грција за проблемот со името. Сите 4 дневни весници, колку што во моментов останаа на новинскиот пазар во земјава, го цитираат премиерот дека од Папандреу зависело дали ќе имале средба во Њујорк.

Вечер, дури како сигурна, ја објавува информацијата дека во Њујорк ќе има средба помеѓу двајцата премиери, плус дека Нимиц најверојатно ќе ги воскреснел преговорите.

Утрински информира за новите обвинувања од страна на Грција дека Македонија ја прекршува Времената спогодба и дека Владата во Атина се жали по европските престолнини дека негативната пропаганда на Скопје го руши расположението за компромис.

Дневник го нотира престојот на новиот министер за надворешни Попоски на Софија под наслов: „Скопје и Софија во братска прегратка“.

Очигледно жеден за нови странски инвестиции, наспроти досегашната осека на тој план и изневерените ветувања од страна на Владата, печатот го регистрира поставувањето камен-темелник за изградба на индиската фабрика за ретровизори во Бунарџик. Утрински известува дека новиот газда на плацот дошол со гуру, кој ја определил локацијата на фабриката.

За Вечер се многу интересни дописите од американските амбасадори во Скопје до својата Влада објавени деновиве на Викиликс, обвинувајќи го последниот амбасадот Рикер за пристрасност кон Црвенковски. „Рикер жалел што Црвенковски не е на власт“, насловува Вечер. За Вечер, исто така е многу важно што премиерот вчера го прославил својот 41-ви роденден.

Утрински и Дневник објавуваат дека престануваат со излегување неделникот Форум, списанието Лајф и веројатно новинската агенција Макфакс, сите во сопственост на „Сивус груп“ и дека 50-ината вработени се шокирани бидејќи сметале дека весниците добро работеле и биле рентабилни.

Дневник информира дека во Собранието на дневен ред се нашла и точката по барање на опозицијата за состојбата во македонските медиуми.

Нова Македонија го анализира работењето на администрацијата за која пишува дека е бавна, неекономична, бездушна, безлична и арогантна. Ова особено важи за шалтерските работници, констатира весникот.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG