Достапни линкови

logo-print

На 1 септември 2001 година започна емитувањето на програмата на Радио Слободна Европа на македонски јазик.

„Добар ден почитувани слушатели и добре дојдовте во првата емисија на македонски јазик на брановите на Радио Слободна Европа.“

Вака почнавме пред десет години од студиото во Прага, а оттогаш во повеќе од 10 илјади емисии низ нашата програма продефилираа илјадници соговорници - политичари, аналитичари, бизнисмени, пејачи, уметници... и најмногу обични граѓани за кои нашиот медиум беше и останува отворен за да си ги кажат своите проблеми, но и да се пофалат.
Согласно со нашата мисија да промовираме демократија, да го охрабриме дијалогот за сите прашања и секако да обезбедиме програма на сите јазици во регионот, вклучувајќи го и македонскиот, од пред извесно време работевме за да ја добиеме оваа програма.

„Согласно со нашата мисија да промовираме демократија, да го охрабриме дијалогот за сите прашања и секако да обезбедиме програма на сите јазици во регионот, вклучувајќи го и македонскиот, од пред извесно време работевме за да ја добиеме оваа програма и не само што сме воодушевени што ја добивме туку сме воодушевени и поради тоа што овозможивме таа да биде слушана на територијата на целата земја на ФМ“, рече тогашниот програмски директор на Радио Слободна Европа, Џеф Тримбл, кој сега е извршен директор на BBG, бордот на гувернери на американскиот бродкастинг.

Во почетокот, медиумот одеше во етерот три пати дневно, во 12.00, 15.00 и 19.00 часот, а од 2002 година и со утринска емисија во 7.00 часот, од студиото во Скопје. Покрај сателитското емитување, радио програмите на РСЕ, во Македонија, веќе 10 години, можат да се следат преку радио Канал 77.

Во последните пет години во соработка со неколку медиумски партнери се реализира проектот Неделно ТВ интервју во кое гостуваат значајни личности од Македонија, како и претставници на меѓународната заедница во земјава.

Со своите содржини, Радио Слободна Европа се обидува да го забрза процесот на демократизација на медиумскиот простор и воопшто на македонското општество. Нашата основна определба за објективно и избалансирано новинарство во изминатите години беше препознаена и од владејачките и од опозициските партии:

„Имав можност да соработувам со Радио Слободна Европа и како министер и како политичар и кога бевме политичка партија во опозиција и кога бевме политичка партија на власт и можам да кажам дека е еден од медиумите кои секогаш се трудеа да имаат балансиран пристап и да известуваат благовремено и објективно“, рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Со Радио Слободна Европа соработувам веќе долги години и мислам дека претставуваше освежување на медиумскиот простор. Почна скромно и ненаметливо, меѓутоа се издвои од останатите и со својата професионалност и со својата отвореност да дискутира со сите политички партнери во Македонија и со модерниот пристап да каже дека сите пораки мора да се испратат, кратко, јасно и прецизно“, изјави Радмила Шеќеринска од СДСМ.



Нашата програма секогаш е отворена и за експерти, аналитичари...

„Покажувате една извонредна активност и конзистентност која што е толку потребна во Македонија каде што печатот е многу често жртва на политички апетити на разни центри на моќ и секогаш велам, фала богу што имаме еден отворен прозорец постојано тука да се зборува и преку него да се обидуваме да стасаме до вистината за нашето политичко живеење како во Македонија така и надвор“, оценува професор Денко Малески.

А ставот на „обичниот“ слушател за она што го работиме во 10-те години го интерпретира Сашо Мацановски Трендо:

„Честитки за декадата на постоење, тоа само по себе е многу интересно во околности во кои навистина згаснуваат и сериозни и несериозни медиуми и мислам дека можете да бидет горди на она што е сработено во изминатите десет години од ваша страна.“
Покажувате една извонредна активност и конзистентност која што е толку потребна во Македонија каде што печатот е многу често жртва на политички апетити на разни центри на моќ.

Меѓуетничките односи беа една од поважните компоненти на нашата работа, со оглед на тоа што стартот на Радио Слободна Европа на македонски јазик беше токму во времето кога во Македонија почнуваа обидите за намалување на тензиите по конфликтот од 2001-та и потпишувањето на Рамковниот договор.

„Радио Слободна Европа даде еден придонес не само во однос на градење на подобри меѓуетнички односи со фактот на коректно информирање особено за меѓуетничките теми кога имало тензии, туку и во целосниот процес на демократизацијата“, изјави Теута Арифи од ДУИ.

Радио Слободна Европа, денес, како мултимедијална компанија, редовно ги емитува сите свои содржини, текст, аудио, видео и фото, и на својата веб страница slobodnaevropa.mk и makdenes.org.

Радио Слободна Европа е независна медиумска организација, чии програми (Радио, Интернет и Телевизија), на 28 јазици, меѓу кои и македонскиот, имаат многумилионска поблика во 21 земја во светот.
РСЕ е основана од американскиот Конгрес, пред повеќе од 60 години.
  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG