Достапни линкови

logo-print

Десет години Радио Слободна Европа на македонски јазик


Радио Слободна Европа на македонски јазик денеска ја одбележува 10- годишнината од своето постоење. Првата емисија беше емитувана од студиото во Прага на 1 септември 2001 година. Во почетокот медиумот одеше во етерот три пати дневно, во 12.00, 15.00 и 19.00 часот, а од 2002 година и со утринска емисија во 7.00 часот, од студиото во Скопје. Покрај сателитското емитување, радио програмите на РСЕ во Македонија, веќе 10 години, можат да се следат преку радио Канал 77.
Во последните пет години во соработка со неколку медиумски партнери се реализира проектот Неделно ТВ интервју, во кое гостуваат значајни личности од Македонија, како и претставници на меѓународната заедница во земјава.
Радио Слободна Европа, денес, како мулти-медијална компанија, редовно ги емитува сите свои содржини, текст, аудио, видео и фото, и на својата веб страница slobodnaevropa.mk и makdenes.org.
Радио Слободна Европа е независна медиумска организација, чии програми (Радио, Интернет и Телевизија), на 28 јазици, меѓу кои и македонскиот, имаат многумилионска публика во 21 земја во светот.
РСЕ е основана од американскиот Конгрес, пред повеќе од 60 години.
XS
SM
MD
LG