Достапни линкови

logo-print

Бројни коментари од нашите слушатели на новата тема во рубриката Хајд парк, 20 години независност на Македонија, успеси и промашувања.

Пред 8 Септември, Денот на независноста, и нашето прашање во Хајд паркот соодветствува на тие 20 години независност, успеси и промашувања. Па, токму тоа, почитувани, ве прашавме и во видео-анкетата и ве прашуваме и тука. Митре од Охрид во својот коментар прави анализа на изминатите 20 години, не кажувајќи го своето мислење за денес. Па смета дека најголемото промашување се случило на почетокот на 90-тите години кога на власт дошле поранешните од СКЈ, односно СДСМ, како што смета тој, кои уништиле 90 проценти од системот па го разграбиле бадијала, го продале знамето, го ветиле и името, а ја направиле и војната во 2001 за да се вратат на власт. Така си смета овој слушател од Охрид, а Џони метафорично вели дека за овие 20 години, ние остаревме, а Македонија како да е се уште бебе во пелени. Стојан од Штип коментира дека станува се' полошо и полошо. Добро е, пишува, што имаме своја држава, но стануваме се посиромашни, фабриките се затворија, нема работа, мизерија.

Незадоволен е од сите влади: ниедна власт до сега не успеа да ја изгради државата како што треба, само крадат, вели. За овие 20 години независност, коментира Мирко од Скопје најголемото промашување се случува сега. Со оваа влада на Груевски и братучедите, можеме само да се сликаме пред споменици. Тие се наполнија со пари, никој ништо не им може, преку изградба на спомнеици најлесно се перат пари, а нам ни останува само сликањето и прстот в уста, заклучува Мирко.

Верувам, почитувани, дека наредниве денови ќе испратите уште ваши мислења во Хајд паркот па ќе ги препрочитаме следниот понеделник.

И неделното интервју на Радио Слободна Европа на македонски јазик ве предизвикува да го испраќате своето мислење. Овојпат, тоа е со Андрија Секуловски од Федерацијата на фармери, а најмногу е во врска со актуелниот проблем - откупот на пченицата. Ванчо од Охрид, се чини, познавач на проблемот смета дека интервјуто е паушално и дека со такви луѓе во земјоделието нема да одиме многу напред.

Нашиот текст за состојбите во кумановската болница го задоволил Љупчо токму од Куманово, кој пишува дека конечно е прикажана вистинската слика за таа болница, каде што има премногу вработени, шетачи, нестручен персонал, да не ти даде господ да им паднеш в раце. Но, овој текст го натерал и Јонче Георгиев од Струмица да испрати двапати СОС-повици, но за струмичката болница и моли да ја посетиме следниот пат таа здравствена установа па да сме виделе што значи нехигиена и нечистотија. Ех, тоа наше здравство...

20 години независност, успеси и промашувања. Погледнете ја анкетата и коментирајте тука.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG