Достапни линкови

Ураганот „Ајрин“ ги уплаши њујорчани, но не предизвика катастрофални последици како што очекуваа американските власти.

Најлошото од Ураганот „Ајрин“ помина, Њујорк може да здивне, а тоа го потврдија и надлежните иснтитуции. Комесарот за вонредни состојби денеска на прес-конференција изјави дека „ураганот предизвика материјана штета, поплавени се улици, но како и да е го пребродивме ова“.
Градот што никогаш не спие, денеска се соочи со вистинска природна бура. Ураганот „Ајрин“ навлезе во Њујорк, донесе поројни дождови и ветрови со брзина од речиси стотина километри на час.

До сега, на источниот брег на САД загинаа најмалку 11 луѓе, најголемиот дел од нив загинале во сообраќајни несреќи, од срцеви удари и од откорнати дрвја. Најмладата жртва е 11 годишно момче.

Ураганот веќе ја одмина Северна Каролина, а на мета беа и Њујорк и Вирџинија.

Националниот центар за заштита од урагани соопшти дека невремето сега спаѓа во категорија „тропска бура“ поради намалената брзина на ветровите од 140 на 100 километри на час. Но во нивното соопштение е наведено дека се уште станува збор за моќна бура која може да поплави делови од Менхетен.

Времето предвидено за евакуација во Њујорк одамна заврши. Градоначалникот Мајкл Блумберг изјави дека сега сите жители треба да останат внатре, да не излегуваат надвор се додека не се подобрат временските услови.

„Ние се подготвивме за ова. Ние многу работевме за да се подготвиме, ја предупредивме јавноста и сега мора да се соочиме со она што ни го носи природата. Вашата безбедност, сега зависи од вас. Њујорчани треба да останат внатре.“

Од поројните дождови што ги предизвика ураганот „Ајрин“ нивото на реката Хадсон се подигна и поплави делови на Менхетен, меѓу кои и Вол Стрит и Саут Стрит, како и делови на Бруклин во Њујорк. Градските власти стравуваат од штетата што ќе ја предизвика поплавата.
Првичните проценки за штетата е неколку милијарди долари.
Стотици илјади домаќинства веќе се без електричната енергија, поради ураганот.

„Големото јаболко“ се уште изгледа мирно. Њујорчани одамна ги напуштија улиците и се тргнаа од патот на ураганот. За прв пат во историјата на овој американски град, целосно е запрен јавниот сообраќај, затворени се сите аеродроми, евакуирани се 370.000 луѓе, речиси сите ресторани и барови на Менхетн се затворени, едноставно се е откажано до понеделник кога се очекува „Ајрин“ целосно да го напушти градот.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG