Достапни линкови

Неделен печат


Неделниците анализираат што ќе донесе политичката есен по летните одмори во Македонија.

За Летната шема и за Големото чистење пишува авторот на колумната „Од дистанца“ во најновото електронско издание на неделникот Глобус.

Пресметка со демократијата

Кога летото е веќе на крајот, барем календарски, неделникот прави пресек на случувањата во Македонија во „долгото топло лето“ 2011: големото чистење е најсоодветниот израз, пишува авторот, за операцијата која почна да се реализира од 5 јуни, а за овие 80 дена видовме како се спроведува шок терапија која нема никаква врска ниту со економска, а ниту со политичка реформа.
Власта се посвети на својата главна преокупација - како да се пресмета со она што остана од демократијата. Нејзините пипала секаде стигнаа и секого го подбраа, пишува Глобус, за да потсети дека Груевски ни ја демонстрираше својата политичка агенда дека Македонија ќе биде силна само ако дополнително ослабнат сите противници на ова власт.

Опозицијата си молчи

И тоа се направи, нагласува авторот кој, истовремено, упатува критики и до опозицијата за која вели дека во овие 80 дена по изборите опозицијата имаше барем осумдесет поводи да изреагира пожестоко на насилничкото однесување на власта. Најверојатно, реакциите ќе го немаа оној формат и онаа силина што се посакуваат, но во многу случаи и лошо организирани акции со краток здив и со слаба посетеност се подобри од никакви, потсетува Глобус во колумната „Од дистанца“.

Наполеонска прослава

И како за крај на летото, веројатно убав шлаг ќе биде панаѓурската прослава на големиот јубилеј, како што објавува на насловната страница секогаш инвентивниот Фокус. Имено, целиот владин естаблишмент на чело со премиерот Груевски на насловната на неделникот се облечени во униформи на Наполеон, а премиерот е токму Наполеон - соодветно на насловот со крупни букви: Ние ќе ја славиме независноста, а пастирот ќе си го лечи синдромот на мал Наполеон! – заклучува Фокус.

Груевски решен да го реши името

И на крај, Форум, кој во овој број индикативно му се придружува на дневниот Вечер кој ја форсира решеноста на Груевски дека е подготвен брзо да се решел проблемот со името. За „Сигналот од премиерот“ пишува во својот едиторијал неделникот, при што забележува дека веројатноста дека Груевски блефира со својата изјава во Вевчани, на пуштањето на тениското игралиште, овојпат е сведена на минимум. Неговата изјава, пишува Форум, многу повеќе може да се толкува како сигнал за евентуално конечно решавање на спорот отколку како декларативна заложба наменета за грчките уши. Форум, како да го поттикнува Груевски, дека доколку го решел проблемот со Грција, ќе го покажел својот државнички капацитет во кој сега многумина се сомневаат и дека можел да стане херојот кој ќе ја внесе Македонија во ЕУ и во НАТО.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG