Достапни линкови

Вести

Уапсени адмирал и двајца полковници во Турција

Еден адмирал и двајца полковници се уапсени во Турција под сомнение за учество во заговор за државен удар против Владата на Партијата за правда и развој Адмиралот Дениз Џора е уапсен под сомнение за поврзаност со групата која планирала да го убие командантот на военоморската флота. Двајцата полковници се уапсени под обвинение дека учествувале во операцијата „Чекан“, чиј план бил спроведување на низа атентати за промена на власта.

види ги сите денешни вести

Пасоши на воено способните Украинци ќе се издаваат само во земјата

илустрација
илустрација

Украинската влада донесе одлука со која дополнително ја заострува мобилизацијата, па во иднина пасоши на воено способни мажи ќе може да се издаваат само во земјата.

Новата регулатива е објавена откако шефот на дипломатијата, Дмитро Кулеба, до 18 мај ги суспендираше конзуларните услуги за лицата кои ги исполнуваат условите и притоа ги критикуваше оние Украинци кои се наоѓаат во странство за тоа дека не служат во војната против Русија.

Последната владина одлука предвидува пасоши да може да им се издаваат на мажи на возраст од 18 до 60 години и тоа само во Украина.

Во странство во моментов живеат стотици илјади воено способни Украинци, во моменти кога земјата се соочува со недостиг на војници во војната против подобро опремената и поголема руска армија.

Шефот на дипломатијата, Кулеба, во своите коментари за суспензијата на конзуларните услуги, пред два дена кажа дека е непримерно регрутите да живеат во странство,а сè уште да сакаат да ги користат услугите од државата.

„Престојот во странство не го ослободува граѓанинот од неговите обврски кон татковината“, напиша тој на X.

Судот утврди дека нема докази дека Болсонаро побарал азил во унгарската амбасада

Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро
Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро

Судијата на Врховниот суд на Бразил, Александар де Мораеш, ја затвори истрагата за обвинението дека поранешниот претседател на Бразил, ултрадесничарот Жаир Болсонаро, во февруари побарал азил во унгарската амбасада поради недостиг на докази.

„Нема конкретни елементи кои укажуваат дека лицето кое било предмет на истрага имало намера да добие дипломатски азил со цел да побегне од земјата и следствено, да ја загрози тековната кривична истрага, се вели во писмената одлука на Мораес“, пренесуваат британските медиуми.

Сепак, престојот во унгарската амбасада покрена сомнеж дека Болсонаро сака да добие дипломатски азил за да избегне истрага за заговорот за државен удар во Бразил.

Болсонаро рече дека останал во унгарската амбасада со цел да ги одржи блиските дипломатски односи што ги има со Унгарија, на чие чело е десничарскиот претседател Виктор Орбан, политички сојузник на Болсонаро.

Американскиот дневен весник Њујорк Тајмс, врз основа на видео надзор откри дека Болсонаро поминал две ноќи во унгарската амбасада во главниот град Бразилија помеѓу 12 и 14 февруари, веднаш откако му бил одземен пасошот како дел од истрагата за наводен заговор да се организира воен удар.

Силјановска Давкова и Пендаровски ќе се соочат во вториот круг претседателски избори

Стево Пендаровски, претседателски кандидат на СДСМ и Гордана Силјановска Давкова, претседателска кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ (претседателски избори во Северна Македонија, 24.4.2024 година)
Стево Пендаровски, претседателски кандидат на СДСМ и Гордана Силјановска Давкова, претседателска кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ (претседателски избори во Северна Македонија, 24.4.2024 година)

Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател на Северна Македонија поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, претседателскиот кандидат на СДСМ, ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат на 8 мај, истовремено со единаесеттите парламентарни избори во Северна Македонија, покажуваат првичните неофицијални резултати што на прес-конференција вечерва ги објави Државната изборна комисија (ДИК).

Според резултатите, од преброени гласови од 3.156 избирачки места (89, 98 отсто од избирачките места), Силјановска Давкова освоила 324. 177 гласови или 39,99 отсто. Пендаровски освоил 161. 393 гласови односно 19, 90 отсто од гласовите.

Силјановска Давкова во вториот круг влегува со предност од повеќе од 150.000 гласови пред Пендаровски. Двајцата беа директни ривали и на претседателските избори пред пет години, во 2019 година.

Трет по освоени гласови од седуммината претседателски кандидати е Бујар Османи од ДУИ со освоени 110. 903 гласови.

Следуваат Арбен Таравари со 78. 110 гласови, Максим Димитриевски од ЗНАМ со 70.996 гласови, Билјана Ванковска, кандидатката поддржана од „Левица“ со 35.949 гласови и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 7.499 гласови, според досегашните резултати.

Александар Даштевски, претседател на ДИК, рече дека 49,75 отсто е излезноста на гласачите според податоците од 3.156 избирачки места. На гласање излегле 810. 971 гласачи. Важечки гласачки ливчиња се 789. 031, а неважечки се 21.946 гласачки ливчиња.

Даштевски оцени дека изборниот ден минал мирно, а граѓаните достоинствено гласале.

„Деведесет и девет отсто работите минаа како што треба“, рече претседателот на ДИК.

Во првиот круг од претседателските избори право на глас на имаа 1.814.317 граѓани. Се гласаше на 3.508 избирачки места, а оценките кои пристигнаа и од институциите и од партиските штабови беа дека изборниот ден поминал во фер и демократска атмосфера.

Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од 5 години, со право на најмногу два мандати.

За некој да победи во првиот круг потребно е да освои 50% + 1 глас од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Во вториот, пак, победува кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно да има излезност од најмалку 40 отсто.

Овие претседателски избори се седми по ред на кои граѓани непосредно го бираат шефот на државата.

Мицкоски: Повикувам на целосно обединување против оваа власт

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, прес-конференција по претседателските избори во Северна Македонија, 24.4.2024 година
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, прес-конференција по претседателските избори во Северна Македонија, 24.4.2024 година

После денешниот ден, јас повикувам на целосно народно и седржавно обединување против оваа власт, подавам рака и ги повикувам сите дојдете да се сплотиме и обединиме. Овде имаме работа поважна од секоја партија. За Македонија се работи, ова е тоа време, ова е нашето време, сега е моментот да се обединиме, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, одна прес-конференција по затворањето на гласачките места на првиот круг од изборите за претседател на Северна Македонија.

„Народ се излеа и пораката е јасна – Македонија не се плаши и се враќа во рацете на народот. Целиот народ, ние со вас, наспроти стотина трговци од ДУИ и СДСМ кои се причина за криминалот и страдањата во Македонија. Македонија покажа дека е посилна од криминалот и корупцијата и дека народот е определен“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека пред прес-конференцијата го побарал Арбен Таравари, кандидат на коалицијата на опозициските партии на Албанците, на кој му посакал успех на парламентарните и иднина во власта.

„Македонија ќе ги мобилизира сите капацитети. Време е да си ја вратиме оваа Македонија и да испишиме нова деценија. Да не дозволиме ДУИ во вториот круг да направи добар резултат и затоа ве повикувам да излезете да гласаме за Македонија за да биде повторно горда и да биде повторно ваша“, рече Мицкоски од партиската говорница.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ била потценета партија пред изборите.

„Ветив дека ќе победиме со најмалку 100.000, а победуваме со повеќе од 170.000 гласови“, рече Мицкоски.

Мицкоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ од опозиција освоиле најмногу гласови до сега.

„Цунамито се крена и виси над глава, а на 8 мај ќе ги потопи целосно. Имаме обврска да им ги срушиме сите идеи за калкулации и предавство, сите нивни понижувања кои ги прават особено изминативе денови. Ова е револуција на народот на Македонија. Но работата не е завршена, а власта не е ни најмалку наивна. Првиот круг е жолтиот картон, а конечниот, црвениот е потребен на 8 мај против оваа криминална и корумпирана власт“, рече Мицкоски.

Според првичните неофицијални податоци на Државната изборна комисија (ДИК) од преброени 90,25 отсто од гласовите, кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со освоени 325.150 гласови (39,95%) е во убедлива предност пред Стево Пендаровски од СДСМ со 162.062 гласови (19,91 %).

Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани лица запишани во избирачки список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати: Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ Арбен Таравари, кандидат на колаицијата „Вреди“ и Максим Димитревски од движењето ЗНАМ.

Ковачевски: Jасно е дека луѓето нè казнија, го прифаќаме тоа, очекуваме подобри резултати во вториот круг

Северна Македонија - Димитар КОвачевски, претседател на СДСМ, на прес-конференција по претседателските избори во Северна Македонија, 24.4.2024 година
Северна Македонија - Димитар КОвачевски, претседател на СДСМ, на прес-конференција по претседателските избори во Северна Македонија, 24.4.2024 година

Не очекувавме ваков резултат, јасно е дека луѓето нè казнија и тоа го прифаќаме. Ова е тежок удар за европската перспектива, но не е доцна да се смени правецот. Откажувањето не е опција за нас, нема да се откажеме од европската иднина, рече Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ, на прес-конференција по првичните неофицијални резултати од претседателските избори во Северна Македонија.

Првичните резултати се дека кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова е во убедливо водство пред кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски.

Ковачевски рече дека имаат уште две недели да испратат порака до секој граѓанин дека единствениот начин за суштинска и вистинска промена е европската интеграција на Северна Македонија.

„Знаеме дека граѓаните с емногу уморни од европскиот пат, Европската Унија не ги одржа ветувањата, но нема друг пат. Време е да ги ставиме настрана сите разлики, да се обединиме околу европската иднина на земјата. Ако ја пропуштиме шансата ќе ни треба многу време да се вратиме на вистинскиот пат. Знам дека наши поддржувачи се разочарани, но не е доцна, не смееме да се откажеме, ќе работиме секој ден на терен да ја добиме поддршката. Нема да ги наведнеме главите, ќе продолжиме да се бориме“, рече Ковачевски.

На прашање дали чувствува одговорност за изборниот резултат и дали размислува да понуди оставка од лидерската позиција, тој кажа дека за тоа ќе се дискутира во партијата по 8 мај, кога ќе се одржи втор круг претседателски избори кои се во ист ден со парламентарните избори.

„Никогаш не сум бегал од одговорност. Ова е само прв круг, во вториот круг очекуваме подобри резултати. Што ќе се случува после избори одлучуваат партиските органи. Имаме втор круг од претседателски избори и парламентарни избори пред нас. По тие резултати ќе се разговара на Конгресот на партијата. Ова прашање ќе ми го поставите после две недели, а може и нема да мора да ми го поставите“, рече Ковачевски.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) од преброени 90,25 отсто од гласовите, кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со освоени 325.150 гласови (39,95%) е во убедлива предност пред Стево Пендаровски од СДСМ со 162.062 гласови (19,91 %).

Гласачките места беа отворени од 7 часот до 19 часот. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани лица запишани во избирачки список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати.

Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата. Претходните беа одржани во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година.

Пендаровски:Резултатите не се какви што очекувавме, нема предавање

Северна Македонија - Стево Пендаровски, актуелен претседател на Северна Македонија и кандат за втор мандат со поддршка од СДСМ (претседателски избори, 24.4.2024 година)
Северна Македонија - Стево Пендаровски, актуелен претседател на Северна Македонија и кандат за втор мандат со поддршка од СДСМ (претседателски избори, 24.4.2024 година)

Резултатите не се такви какви што очекувавме, разликата ќе биде околу 130.000 гласови. Очекувавме помалку разлика, но утре е нов ден, од утре повторно почнуваме со средби со граѓани кои ги пратикувавме и досега и почнуваме практичнo од нула, рече Стево Пендаровски, актуелен претседател на Северна Македонија и кандидат за втор мандат поддржан од СДСМ, на прес-конференција по завршувањето на гласањето на денешните претседателски избори.

„Тргнуваме од нула, од почеток. Моја задача ќе биде, како и во изминативе 20 дена, да го промовирам концептот во кој длабоко верувам, а тоа е интегрирана држава, без поделби. Ги охрабрувам граѓаните кои не излегоа во првиот круг, да учестуваат во вториот круг, затоа што веруваат дека победникот ќе се решава во вториот круг. Очекувам уште поголем одѕив и уште поголем бројка да го препознаат концептот на демократска, просперитетна држава, рамноправна со сите нации“, рече Пендаровски.

Тој кажа дека нема да прифати никаква понуда или договор со ниту еден политички субјект или кандидат за механичко префрлување на гласовите во вториот круг на претседателските избори на 8 мај.

„Тоа е туѓ концепт на моето верување. Не постојат зборови „понудени“ и „префлени“ гласови на граѓани, зад секое име и презиме се крие посебна единка, никогаш во политиката граѓаните не сум ги подразбирал како аморфна маса на која ќе им се каже дали да ги префрлаат гласовите. Ќе одбијам било каков обид за нудење на гласови на граѓани“, рече Пендаровски.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) од преброени над 80 проценти од гласовите, кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со освоени 282. 075 гласови (39,82%) е во убедлива предност пред Стево Пендаровски од СДСМ со 137. 450 гласови (19,42%).

Гласачките места беа отворени од 7 часот до 19 часот. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани лица запишани во избирачки список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати.

Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата. Претходните беа одржани во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година.

Силјановска Давкова: Во вториот круг очекувам поддршка од сите, особено од опозицијата

Гордана Силјановска Давкова, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ (претседателски избори во Северна Македонија, 24.4.2024 година)
Гордана Силјановска Давкова, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ (претседателски избори во Северна Македонија, 24.4.2024 година)

Денешниот резултат е неверојатно инспиративен за мене, рече Гордана Силјановска Давкова, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, во обраќањето откако заврши гласањето на денешните избори за претседател на Северна Македонија, откако првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија(ДИК) се дека таа има значителна предност пред второрангираниот кандидат Стево Пендаровски од СДСМ.

„Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста - не мислам дека сум посебна во многу работи, само знам дека тоа што ќе го ветам, ќе го остварам, на мој начин, во тоа ве уверувам“, рече Силјановска Давкова во обраќањето во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа рече дека е горда на граѓаните, на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, на нивните коалициски партнери, а посебно е горда на жените.

Силјановска Давкова рече дека во вториот круг очекува поддршка од сите, „особено од оние во опозицијата, така ми покажува логиката“.

„Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот круг, јас ќе се однесувам и во вториот круг кон оној со кој ќе треба да се натпреварувам, со должна почит. Се разбира очекувам таков однос. Не мислам дека треба да фрлиме сенка кон она што се случуваше денеска, треба да ги инспирираме граѓаните, да ги увериме дека вреди да се учествува на избори, да се чуе дека сум горда, особено на граѓаните, а без граѓани нема горда Македонија“, рече таа.

Силјановска Давкова најави дека ќе соработува со партијата што ја предложи, но и со со опозицијата, со невладините организации, со медиумите...

„Ве уверувам дека ќе се обидам секој ден да докажам дека сум таму не заради својата политичка кариера, туку заради Македонија“, рече таа.

Од обработени податоци 81,64% отсто избирачки места, според првичните неофицијални податоци на ДИК, Гордана Силјановска Давкова има освоено 287. 192 гласови. Нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски има освоено 140. 272 гласови.

Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата. Претходните беа одржани во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година.

Тапани во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, воздржаност кај СДСМ

Колаж илустрација од атмосферата во штабовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, 24.4.2024 година, Скопје, претседателски избори во Северна Македонија
Колаж илустрација од атмосферата во штабовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, 24.4.2024 година, Скопје, претседателски избори во Северна Македонија

Тапани и знамиња пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, молк и воздржаност кај СДСМ, е атмосферата од изборните штабови што ја пренесуваат репортерите на Радио Слободна Европа (РСЕ) откако Државната изборна комисија (ДИК) вечерва почна да објавува првични нецелосни резултати од изборите за претседател на Северна Македонија што се одржаа денеска, на 24 април.

Атмосфера пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, Скопје, претседателски избори, 24.4.2024 година
Атмосфера пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, Скопје, претседателски избори, 24.4.2024 година

Млади со знамиња пристигнаа пред главното седиште на ВМРО-ДПМНЕ, таканаречената „Бела палата“ во центарот на Скопје, каде ќе го следат обраќањето кандидатката за претседател Гордана Силјановска - Давкова најавено за во 22 часот. Во штабот се чувствува победничка атмосфера, а луѓе допрва почнуваат да доаѓаат, јави репортерот на РСЕ.

Во штабот на СДСМ, лоциран во хотелот „Александар Палас“ е речиси празно, пренесе репортерот на РСЕ. Досега, освен новинарските екипи, таму пристигнаа само неколкумина од повискоите партиски функционери - заменик претседателката Сања Лукаревска, министрите Бојан Маричиќ, Славјанка Петровска, Стефан Богоев и претставници на некои од помалите коалициски партнери.

Изборниот штаб на СДСМ, 24 април 2024 - претседателски избори во Северна Македонија
Изборниот штаб на СДСМ, 24 април 2024 - претседателски избори во Северна Македонија

Таму засега нема ни видео-бим за следење резултати, а досега не се споделуваа никакви информации со новинарите. Единствената најава е дека во 22.30 часот најверојатно ќе се обрати претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Гордана Сиљановска-Давкова води во првиот круг од претседателските избори, покажуваат првичните нецелосни резултати на Државната изборна комисија (ДИК).

На речиси 72,21 отсто обработени гласови, таа освоила 251.461 глас или 39,25 отсто. Втор е актуелниот претседател и кандидат на СДСМ и коалицијата За европска Македонија, Стево Пендаровски со 123.265 гласа – 19,24 отсто.

Кандидатот на ДУИ и Европскиот фронт и актуелен министер за надворешни работи Бујар Османи има 92.885 гласа што е 14,50 отсто. Зад него е кандидатот на коалицијата Вреди, Арбен Таравари со 66.917 глас – 10,45 отсто.

Според досегашните податоци на ДИК, Максим Димитриевски од ЗНАМ е следен по бројот на освоени гласано – 53.982 или 8,43 отсто. Билјана Ванковска од Левица, пак, има 28.671 гласа – 4,48 отсто, а последен е Стевчо Јакимовски од Гром и коалицијата „Храбро за Македонија“ со 5.467 или 0,85 отсто.

Заклучно со 19 часот заврши гласањето на првиот круг од седмите претседателски избори во Северна Македонија на кои право на глас имаат 1.814.317 избирачи, на вкупно 3.480 избирачки места.

Граѓаните можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати: Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ Арбен Таравари, кандидат на колаицијата „Вреди“ и Максим Димитревски од движењето ЗНАМ.

ДИК: Гордана Силјановска Давкова води пред Стево Пендаровски

Стево Пендаровски, претседателски кандидат на СДСМ и Гордана Силјановска Давкова, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ
Стево Пендаровски, претседателски кандидат на СДСМ и Гордана Силјановска Давкова, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска – Давкова има 287.192 гласови (39,93 отсто) со што е во предност пред кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, кој има 140.272 гласови (19,50 отсто) на 80,51 отсто од преброените гласови, според првичните неофицијални резултати што ги објавува Државната изборна комисија(ДИК) за првиот круг на претседателските избори.

Кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски има 5.242 гласови (0,73%), кандидатот на ДУИ Бујар Османи има 102.360 гласови (14,23%), кандидатката на Левица Билјана Ванковска – Цветковска има 31.013 гласови (4,31%), кандидатот на албанската опозиција Арбен Таравари има 72.358 гласови (10,06%) и кандидатот на ЗНАМ Максим Димитриевски има 60.850 гласови (8,46%).

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Гласачките места беа отворени од 7 часот до 19 часот. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани лица запишани во избирачки список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати.

Одѕивот на денешните претседателските избори до 18 часот изнесуваше 48,38 oтсто, и е поголем од последните избори за шеф на државата во 2019 година кога до 19 часот на гласање излегоа вкупно 41,67 отсто од запишаните избирачи.


За претседател ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани избирачи, односно 907.159 гласови. Ако никој не го добие потребното мнозинство, ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови.

Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата. Претходните беа одржани во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година.

Левица: Мирен изборен ден во фер и демократска атмосфера

Северна Македонија - прес конференција на Моника Маневска, портпаролка на Изборниот штаб на Билјана Ванковска, кандидатка за претседател на Северна Македонија од партијата „Левица“ (претседателски избори, 24.4.2024 година)
Северна Македонија - прес конференција на Моника Маневска, портпаролка на Изборниот штаб на Билјана Ванковска, кандидатка за претседател на Северна Македонија од партијата „Левица“ (претседателски избори, 24.4.2024 година)

Денешниот изборен ден помина мирно во фер и демократска атмосфера, но сепак се случиле некои помали проблеми на изборните места, соопштуваат од Изборениот штаб на Билјана Ванковска, кандидатка за претседател на Северна Македонија од партијата „Левица“.

Моника Маневска, портпаролка на Ванковска, рече дека се забележани помали проблеми со фингерпринтот на повеќе гласачки места како Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром и др.

Таа истакна дека од терен добиваат информации дека во Куманово се правеле редици заради проблемите со апаратот за читање на отпечаток на прст, а во некои изборни места гласањето почнало со доцнење.


Исто така, беше кажано дека и на овие избори се појавуваат нерегуларности во Избирачкиот список па така во некои изборни места има запишано за гласачи починати лица, а во некои гласачи кои се со постојано место на живеење и без промена на адреса, но ги нема во изборниот список.

Заклучно со 19 часот заврши гласањето на првиот круг од седмите претседателски избори во Северна Македонија на кои право на глас имаат 1.814.317 избирачи, на вкупно 3.480 избирачки места.

Граѓаните можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати: Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ Арбен Таравари, кандидат на колаицијата „Вреди“ и Максим Димитревски од движењето ЗНАМ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG