Достапни линкови

Гадафи: Се плашам дека Триполи ќе гори


Се случува ли пресврт во граѓанската војна во Либија? Британските власти шпекулираат дека Моамер ел Гадафи побегнал во Венецуела.

Во и околу Триполи жестоки битки, јавуваат светските новински агенции. Според последните информации, бунтовниците го пробиваат патот до главниот град на Либија и заземале важна воена база во близина на Триполи. Стотици бунтовници влегле во базата која се наоѓа на 27 километри од Триполи.

Претходно, потпаролот на бунтовниците соопшти дека дел од бунтовниците влегле во Триполи преку Мисрата и ја почнале операцијата за освојување на градот и изолирање на либискиот лидер Моамер Гадафи.

Моамер Гадафи во Триполи на 10 Април

Од друга страна, пак, Гадафи изјави дека „ќе остане во Либија до крајот“ и ги повика своите поддржувачи ширум земјата да му помогнат да го ослободи градот од бунтовничката офанзива. Во аудио пораката која ја емитувала државната телевизија, Гадафи изјави дека „се плаши оти Триполи ќе гори“. Тој додава дека ќе им обезбеди оружје на своите првизаници кои ќе се борат со бунтовниците.

Целосна слика за случувањата во Либија не може да се добие затоа што информациите кои ги пренесуваат новинските агенции се различни. Од една страна, Асошиетед Прес јавува дека бунтовниците се наоѓаа на 32 километри западно од Триполи, додека пак Ројтерс јавува дека околу 200 бутновнички борци влегле денеска во главниот град преку Мисрата за да им помогнат на борците кои се веќе во Триполи. Според извештајот на Ројтерс, бунтовниците водат жестоки престрелки со безбедносните сили на Гадафи. Ал Џезира јави дека три предградија на Триполи веќе паднале во рацете на бунтовниците. Според нив, жестоки борби се водат за аеродромот, додека авионите на НАТО ги ракетираат последните упоришта на Гадафи. Преставници на НАТО предупредија дека динамичните воени линии на теренот им ја отежнуваат работата, затоа што не можат точно да ги идентификуваат целите за воздушни напади.

Падот на Гадафи е далеку од сигурен, бидејќи бунтот се уште не раширен целосно низ Триполи, а најлојалните сили на Гадафи не се победуваат лесно, тоа барем се покажа во последниве 6 месеци. Каде точно Гадафи се наоѓа во моментов, не е познато. Британските власти шпекулираат дека тој заминал за Венецуела.

Реакции околу Либија

Потпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, изјави дека американскиот претседател Барак Обама е информиран за случувањата во Либија од советникот за антитероризам Џон Бренан и од американските тимови кои се на терен во бунтовничкото упориште во Бенгази.


Францускиот претседател Никола Саркози ги поздрави либиските бунтовници кои се борат во и околу Триполи и ја потврди целосната поддршка на Франција за нивната кауза. Во писменото соопштение од неговиот кабинет е наведно дека „во моментов кога се случуваат одлучувачки настани во Либија, претседателот на Франција ја поздравува храброста на бунтовничките борци и ги уверува дека Франција ги подржува во нивната борба за ослободување на нивната земја од диктатурата“. Франција ја започна воената интервенција на Западот кон Либија и е прва која ги призна бунтовниците.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG