Достапни линкови

logo-print

Вест број еден во сите домашни медиуми е оддавањето почит на паднатите бранители во 2001 од страна на новиот министер за одбрана, Фатмир Бесими.

Покрај наводно покажаниот среден прст на Атина од страна на Антонио Милошоски, вест број еден во сите домашни медиуми е оддавањето почит на паднатите бранители во 2001 од страна на новиот министер за одбрана, Фатмир Бесими. Утрински и Дневник тоа го објавуваат со обични, информативни наслови, додека Вечер нагласува дека Бесими е првиот министер Албанец кој се поклони пред споменикот на бранителите по повод Денот на Армијата.

Што се однесува до симболично покажаниот среден прст на Милошоски, Утрински, во коментар од главната уредничка коментира дека по подигањето на споменикот на Александар, тоа е единствениот логичен политички чекор што може да го направи Македонија. Друго ништо не и преостана освен поразената македонска дипломатија, која менува министри за надворешни работи но не и политиката, коментира Утрински.

И Дневник објавува коментар во врска со потегот на Милошоски во кој иронично го пофалува поранешниот министер за искажаното во интервјуто за британскиот весник Гардијан, но и поставува прашање: со сите споменици, нови згради и вишок мостови, каква порака власта им праќа на своите граѓани кои се' уште немаат струја, вода, амбуланта, пат или мост? Дали и за нив важи истиот прст?


Нова Македонија разговара со Милошоски за ова прашање па во насловот цитира негови зборови: „Покажавме дрскост, а не среден прст“, како еден вид оправдување за наводно погрешно протолкуваните зборови на поранешниот шеф на дипломатијата.

Само Утрински го објавува извештајот на меѓународната „Репортери без граници“, во кој се забележува дека Владата дејствува незаконски во обидот да ги стави под контрола медиумите.

Вечер и натаму се занимава со „кодошите“, информирајќи дека неделава лустраторите ќе проверуваат дали дваесетина поранешни судии, директори и политичари посочени од Управата за безбедност навистина биле кодоши, како и досиејата на четворицата академици, а наскоро ќе правеле и чистка меѓу новинарите, почнувајќи од јавниот сервис МРТ.

Од одбележувањето на 10-годишнината на Охридскиот договор, за Нова Македонија е важно дека на Конференцијата во Охрид бил само ДУИ, дека на приемот дошол само Црвенковски од потпишувачите на Договорот во 2001, а дека во хотел „Горица“ не се појавиле ниту претседателот Иванов, ниту премиерот Груевски.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG