Достапни линкови

Интервју - Соња Мек Грук


Сметам дека случувањата во САД како и во еврозоната немаат некои големи ефекти врз македонското стопанство, вели Соња Мек Грук, извршен директор на Американската стопанска комора, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.




Главна тема во медиумите покрај кризата во еврозоната и онаа во Грција е намалувањето на кредитниот рејтинг на САД. Дали овој настан може да има некои негативни ефекти врз македонското стопанство имајќи во предвид дека тоа е наш клучен стратешки партнер?

Сметам дека случувањата во САД како и во еврозоната немаат некои големи ефекти врз македонското стопанство, но сепак како што можеше да се забележи и по светската економска криза Македонија ги чувствува последиците по одреден временски период или дури и задоцнето. Имено во одредени сектори кризата беше почувствувана многу бргу, а во други последиците се чувствуваа после одреден временски период. Случувањата сметам дека имаат значително влијание врз македонското стопанство, како кризата во Грција на пример врз текстилната индустрија или неодамнешните случувања на Косово за нашиот извоз, меѓутоа она што главно е тоа дека банките водат многу конзервативна монетарна политика и тоа и придонесува светската криза да не одрази кај нас во толкав голем интензитет, но еве и денес веќе акциите во светот пораснаа по најавата дека САД ќе ги задржи ниските каматни стапки до 2013 година, па ќе видиме како кај нас ќе се одрази тоа.

Од власта не стигнуваат некои најави за странски инвестиции нешто што се чини дека не се одвива според предвиденото, ако имаме во предвид дека во сите слободни индустриски зони не работат со полн капацитет. Што ги спречува инвеститорите да инвестираат кај нас?

Јас не сум сигурна дека би ги поврзала светската економска криза и странските инвестиции.

Бидејќи тоа беше оправданието, дека поради кризата не доаѓаат?

Да точно, меѓутоа бројот на странски инвеститори не се намали со настанувањето на светската криза, мислам дека тоа остана непроменето. И претходно немавме многу инвеститори и сега немаме многу инвеститори. Причините според мене се поврзани со неколку други работи, како што се слободното владеење на правото, бавното судство, непочитување на договорите итн, и мислам дека кога земјата ќе почне да ја „бие глас“ дека овие работи се подобрени и инвеститорите ќе дојдат.

Ја споменавме климата, споменавме дека на странските инвеститори им е потребно многу повеќе отколку само една зона каде што ќе се концентрираат?

Точно, тоа е само почетокот според мене.

Што е со кадарот кој го нудиме? Секако дека имаме многу образован кадар, но што со практичното искуство?

Мислам дека не е образованието она што ни недостастува, иако зависи во кој сектор. Во некои сектори имаме добро образовани кадри, во некои сектори имаме помалку образован кадар, на пример оние инженерски или ИТ сектори се сектори во кои што добро котираме, меѓутоа она што недостасува во нашето образование се оние меки вештини, односи со клиенти, односи со јавноста, како да се работи во една организација, мислам дека тоа им недостасува на младите студенти.

Во вашата мисија се наведува дека работите и кон промоција на конкурентноста во Македонија. Како може да се подобри таа конкурентност, посебно за нашите производи во странство имајќи во предвид дека пласманот не само што е централизиран на неколку гранки туку е и релативно слаб, се извезуваат повеќе суровини отколку готови производи?

Точно е и тоа мора да се подобри. Мислам дека не е потребно да имаме илјадници производи за да бидеме конкуренти, ние сме сепак многу мала земја само два милиони жители, имаме прекрасни зеленчуци и овошје на пример кои би биле многу барани на светските пазари меѓутоа кои за жал сеуште не стигнуваат на светските пазара, би рекла дури ни на регионалните пазари. Еден наш производ, македонски на пример, да влезе на американскиот или некој западно европски пазар, за нас е огромно достигнување. Така што мислам дека треба да се фокусираме на таргетиран пазар за некои наши производи кои би биле барани на светскиот пазар, како на пример процесирана храна од овошје од зеленчук, нешто што ни е нас стратешка предност во однос на другите држави. За таа цел Американската стопанска комора организираше мисија во САД и се фокусиравме на храната, посетивме и саем за храна и за пијалоци во Вашингтон каде што една од нашите компании „Витаминка“ дури и изложуваше и мислам дека тоа е иднината, така можеме да бидеме конкурентни.

Државата повторно најавува некои олеснувања за стопанството. Дали тоа што се ветува би можело да биде погодно за целото стопанство или бенефициите ќе ги почувствуваат само неколку стопански гранки како градежништвото на пример?

Економските мерки кои ги презема владата го стимулираат приватниот сектор и придонесуваат за негов целокупен развој, но и со одредени конкретни мерки се сака да се потпомогне на одредени гранки во индустријата. Некои од нив и би се подобриле со таквата стимулација, но мислам дека во секој случај ова се долгорочни мерки не е нешто што преку ноќ ќе се случи, бенефитот допрва ќе видиме дали ќе се забележи.

Следејќи го искуството дали досега имало некои забележливи ефекти од овие мерки, олеснувања, како кратење на даноци, давачки кон државата?

Да, во одредени сектори имало меѓутоа во целокупното стопанство мислам дека досега не е забележан бенефит.

Следејќи ги економските показатели, дали имате впечаток дека во земјава се развива дека некој дух на претприемништво или државната работа сепак останува најатрактивна понуда?

Претприемништвото полека во Македонија се развива, но незнам дали се развива според очекуваниот интензитет. Знаеме дека државата администрација е огромна, сега почнавме да слушаме најави за нејзино уште поголемо проширување. Во состојба кога од една страна имаме поплаки од бизнис заедницата заради неможноста да развиваат свој бизнис, а од друга страна имаме огромен државен апарат кој сеуште се труди да биде поефикасен, подинамичен, мислам дека просторот за развој на претприемништвото е мал или не е премногу голем, но сепак да нагласам дека владата презема и конкретни мерки за подобрување на состојбата, како што и споменавте намалување на даночните оптоварувања, обезбедување на финансиски стимулација за регистрација, реформирање на наплатата за придонесите, и последните измени со законот за добивка. Високите каматни стапки на кредитите кои ги нудат банките за потикнување и развој на овој сектор се исклучително важни за малите и средни претпријатија, но мислам дека го уништува нивниот потенцијал за пораст. Во март оваа година организиравме еден настан каде што банките и финансиските институции во Македонија можеа да ги промовираат своите кредитни линии пред македонските компании. Мислам дека претприемачкиот дух ќе се развие, но колку брзо тоа ќе биде времето ќе покаже, меѓутоа мислам дека тука и социјалното претпримништво ќе почне да се развива, и она што сега е модерен тренд и мрежите на бизнис ангелите.

Стопанствениците се жалат дека банките имаат конзервативна политика за кредити. Дали ова го кочи стопанскиот развој во Македонија или има некои други фактори?

Па, веројатно ги кочи оние микро претпријатија кои имаат потешкотии да земат кредит за да започнат бизнис, меѓутоа од друга страна токму таa конзервативна политика на банките ја заштити државата од економската криза. Така што може од двете страни да се гледаат работите.

Се смета дека државата е најголемиот работодавец во државата, дали постои основа за тврдењата дека во Македонија има високо ниво на интеревенционизам, односно дека државата се меша во приватниот сектор?

Можеби ова е престрог термин, меѓутоа точно е, некои имаат поплаки од ваков карактер, но некои немаат, така што зависи со кого зборувате.

И на крајот, можете ли да ни дадете краток преглед на активностите на Американската стопанска комора во наредниот период?

Ние сме стопанска комора која работи веќе десет години во Македонија и сме претежно фокусирани кон американските, меѓународните, но и македонските компании. Имаме 120 членки во моментов, и доста работиме со нашите комитети. Во рамките на Комората има три-четири Комитети со кои соработуваме, тие се комитети составени од членките на Комората и со нив доста работиме на промена на некои законски регулативи, на подобрување на бизнис климата. На пример со Комитетот за развој на работната сила, работиме на промена на законот за работна сила бидејќи во Македонија не може да се земе на пример практикант за работа, освен ако тој не е студент.
XS
SM
MD
LG