Достапни линкови

Во Охрид конференција за Рамковниот договор


Во Охрид се одржува конференција по повод десетгодишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.

Охрид, денес и утре е домаќин на конференцијата со која се одбележува 10-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, за кој преговорите се водеа во вилата Билјана на брегот на Охридското Езеро пред точно една деценија. Отворањето во хотелот Инекс Горица со обраќања на претседателот на државата Ѓорге Иванов и заменик претседатлот на владата Муса Џафери, задолжен за Рамковниот договор, а за историјата, спроведувањето и постигнувањата поврзани со договорот дискутанти се Филип Рикер, заменик-државниот потсекретар на САД и досегашен американски амбасадор во Македонија, Џејмс Пердју, олеснувач на договорот и Ален Ле Роа, тогашен генерален потсекретар за мировни операции во ОН.

Попладнево ќе се одржи трибина со клучните актери на Охридскиот договор, Али Ахмети, лидер на албанската ДУИ, Бранко Црвенковски, потписник, и олеснувачот Џејмс Пердју, додека поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, нема да присуствува на јубилејот како што информираат од неговата ВМРО-НП, бидеји бил на подолг одмор во странство, како и Арбен Џафери, почесниот претседател на ДПА, кој бил надвор од земјава.

На конференцијата во Охрид присуствува и тогашниот американски специјален пратеник Џејмс Пердју

Конференцијата, на чии маргини ќе има повеќе билатерални средби, утре продолжува со обраќања на претставници на ОБСЕ, ЕУ, дипломати, министерот за надворешни работи, Никола Поповски, експерти и предавачи, кои ќе ја оценуваат реализацијата и ќе расправаат за идните чекори и очекувања од примената на рамковниот во практиката, што беше на врвот на досегшните владини агенди, како и на актуелната власт на коалициските партнери од македонскиот и албанскиот политички блок.

Охридскиот договор од кој се произлезени 130-тина закони е тема секогаш проследена со критики, незадоволства, барања, камен на сопнувања и предмет на политички пазарења.

Овие два дена, во екот на летната туристичка сезона во Охрид, има зголемено полициско присуство и обезбедување на просторот каде се одржува конференцијата, во непосредна близина на претседателската вила Билјана, а СВР Охрид по потреба ќе преземе мерки за времено пренасочување или рестрикција на сообраќајот на делниците каде ќе се движат возилата со гостите.

Со рамковниот договор, кој по речиси едномесечните преговорите во Охрид, беше потпишан во Скопје, на 13-ти август 2001-та беше ставен крај на конфликтот во земјава, кој започна со вооружени напади на институциите и регуларните безбедносни структури од страна на паравоени формации, формирани од албанската етничка заедница.

На Охридскиот договор, потписи ставија тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Љубчо Георгиевски, претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ДПА, Арбен Џафери, на ПДП, Имер Имери, и гарантите - специјалните претставници на ЕУ Франсоа Леотар и на САД Џејмс Пердју.
XS
SM
MD
LG