Достапни линкови

Неделен печат


Весници, магазини, неделници, печат
Весници, магазини, неделници, печат

Економската криза во Италија и Грција, зголемувањето на бројот на карневали и фестивали во земјава, владините трошења за македонски лобисти - дел од темите во неделните весници.

Можеби е згодно што трите неделници за чии статии правиме преглед токму во вестите на македонски на Радио Слободна Европа излегуваат како двоброј за време на годишните одмори. Така што денеска ќе можеме малку да се позанимаваме и со економија, наместо со политика која, сакале - не сакале, доминира во медиумите па така и во нашите прегледи на пишувањето на неделниците.

Форум, на пример, го анализира влијанието на карневалите и фестивалите што особено се намножија во нашите градови и села врз локалната економија. Таа цути, пишува неделникот - танц, игра, забава, костими, музички ѕвезди... преку организирање карневали и фестивали само за еден ден угостителите можат да заработат најмалку милион евра. Годинава Вевчанскиот карневал го посетија околу 60 илјади луѓе и ако секој потрошил барем по 10 евра, тоа е заработка од 600 илјади евра, забележува Форум, кој потсетува и на милионските печалби на угостителите и на струмичкиот карневал и на пиво-фестот во Прилеп.

Од двобројот на Фокус, интересен е написот, исто така, поврзан со економските работи, иако и во него има политика: го паметите ли Американецот Џејсон Мико кој престојува во Македонија уште од 1966 година? Оние од вас, кои се педантни читатели на весниците веројатно го паметат. Тој Џејсон Мико бил лобист за Македонија во САД во 2001-та, за време на кризата кај нас, а за тоа, министерството за финансии на чело со сегашниот премиер Никола Груевски му исплатило 270 илјади долари за девет месеци лобирање. Фокус, обелоденува дека, на пример, во време на воена криза, Министерството за финансии со договор се обврзало, освен „основните“ 30 илјади долари месечно, да плаќа и бизнис трошоци, поточно по 3,5 долари плус за телефонски разговори во странство, фотокопирање, интернет услуги, факсови, оброци, локален превоз, и - за забава. Е, што е многу многу е!

Со текстот „Мала летна паника на југот“, што ја објавува Глобус се селиме во Италија, ама само виртуелно, оти, се чини, ни таму состојбите на економски план не се баш најдобри: Италија е во црвено, пишува неделникот, ако кризата на долгот на малите нации, како што се Грција или Португалија, се прошири на поголемите земји, како што се Шпанија и Италија, тоа ќе има разорен ефект врз европската економија. Кога неодамна во италијанскиот парламент се говореше за финансиската криза во Италија, министерот за финансии Џулио Тремонти ја спореди својата земја со Титаник - кога бродот тонеше страдаа и патниците од првата класа, а и премиерот Берлускони не криеше дека кризата што ја тресе Грција може да ги погоди сите. Италијанскиот јавен долг изнесува 118 отсто од брутодомашниот производ, а и вработувањето опаѓа, наведува, покрај другото, Глобус, во написот посветен на економско-финансиските состојби во Италија.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG