Достапни линкови

„Патриотите на брзина ги менуваат дресовите“, „Преродбата ги лапна Љубе и Велија, сосе Милчин и клетите новинари од А1 Телевизија“ - наслови во неделниците.

„Патриотите на брзина ги менуваат дресовите“ - го читаме насловот на статијата во електронското издание на Глобус. Политичкиот пазар меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ отиде дотаму што првите под итно мора да ја менуваат целата своја, во наводници, „патриотска“ иконографија, а пејачката Тарчуловска можеби и репертоарот, алудирајќи, при ова, на нејзината песна „Патриоти и предавници“. Груевски попушти онаму каде досега беше најтврд опонент на албанскиот кампус - кон прашањата на
употреба на јазикот, употребата на знамето и, конечно, на судбината на пакетот хашки случаи, во кои борците на ОНА се товарат за криминални дела против човештвото. Со прифаќањето на олеснување од тој товар во меѓунационалните односи, Груевски покажа од една страна дека направил многу лесен - а за добар дел од неговите гласачи и неприфатлив - меѓупартиски дил, а од друга страна, докажа дека кај него, всушност, и нема црвена линија, бидејќи деновиве мина најмалку - три, што самиот тој си ги зададе, потсетува Глобус. Неделникот се осврнува и на фактот што за автентичното толкување не гласаа најблиските соработници на Груевски, што авторот го наведува на констатацијата дека така функционира ВМРО-ДПМНЕ - лидерот договара, другите мора да слушаат, што ќе рече, валканата работа се остава на пратениците со понизок рејтинг во партијата!


Фокус уште на насловната ја најавува својата главна тема: „Новогодишната желба на пастирот е исполнета - преродбата ги лапна Љубе и Велија, сосе Милчин и клетите новинари од А1 Телевизија“. За да ја поткрепи контроверзноста на автентичното толкување, авторката на текстот цитира дел од сцените како биле малтретирани мавровските работници, за кои, божем, реформаторското мнозинство даде автентично толкување. Цитирам, „Им ги врзале рацете, па во аналните отвори им ставале дрво долго 80см, кое потоа ги терале да го лижат“. Откако автентичните фанови на Груевски ова го проголтаа како уште ден велелепен антички чекор, Аџиев го извади досието „Драматург“ за да има рајата кому да му го истури сиот реформски потенцијал за вербално масакрирање. И, откако Норвежанецот Бреивик за миг отепа деведесетина невини луѓе, авторката на текстот ја мачи помислата: Колку ли потенцијални Бреивици можат да ни се изнедрат од преродбава? Па, одговара: Да, така тоа почнува - со фиксирање на непријател, кон кого, откако ќе ти се доодлепи уште некоја мозочна жичка, ќе се втурнеш во пресметка до смрт!

И како за крај на овој преглед, ми се чини соодветен текстот на Ристо Солунчев, доцент на Институтот по филозофија, во Форум, со наслов: „Одгледувачница за добиток“, во кој редовниот колумнист на овој неделник ја искажува сета своја неверба во државата Македонија и во нејзините институции, вакви какви што се, па прашува: дали имате чувство дека оваа држава е приватна фарма во која не’ третираат и не’ одгледуваат како животни? Во смисла, добиток како добиток, прави она што газдата ќе му каже, ги јаде оние трици за кои газдата ќе реши дека се најдобри и постојано мора да ги лиже неговите стапала за овој да се смилува. Државата Македонија не е на народот, ами на оној што владее со неа. Уживај момче, не се пени, фармата и понатаму ќе продолжи да постои се’ додека некој има ќар од неа, пишува покрај другото Форум.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG