Достапни линкови

logo-print

Собраниска седница за новата влада


Никола Груевски го образложува експозето за нова влада пред Собранието.

Никола Груевски го образложува експозето за нова влада пред Собранието.

По експозето на мандаторот Никола Груевски, во собранието продолжува расправата за избор на новата влада.

Зголемување на економскиот раст, интеграција на Македонија во Европската унија и НАТО, борба против корупцијата и криминалот, одржување на добри меѓуетнички односи и инвестирање во образованието, науката и информатичкото општество.
Во своето излагање пред македонските пратеници, мандаторот за состав на идната влада, Никола Груевски, ги посочи главните приоритети на владата во наредните четири години.

„Предизвиците не не плашат, треба да не обединуваат. Да ги надминеме разликите кои доаѓаат од нашите различни погледи, од нашата различна идеологија кога станува збор за државните и националните интереси.“
Предизвиците не не плашат, треба да не обединуваат. Да ги надминеме разликите кои доаѓаат од нашите различни погледи, од нашата различна идеологија кога станува збор за државните и националните интереси.


Груевски е убеден дека сите мерки и проекти на Владата ќе придонесат за подобра иднина на граѓаните и создавање на како што посочи европска Македонија. Вети подобрување на стандардот на македонските граѓани и продолжување со спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Во однос на надворешната политика, Груевски вети продолжување на грчко-македонскиот дијалог.

„Владата нема да прифати промена на Уставот, со цел промена на уставното име на Македонија и нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и јазик. Владата нема да дозволи било кое решение што ќе го наметне Грција да биде прифатено без притоа за тоа да не се изјаснат граѓаните на референдум.“

Никола Груевски го образложува експозето за нова влада пред Собранието.

Во поглед на составот на владата Груевски рече дека се работи за спој на младоста и искуството. За професионалци со достоинство и високи човечки вредности.

Веднаш по воведното излагање на Груевски, собранието ја почна расправата. Со реакции на експозето на Груевски се јави главната опозициска партија, СДСМ. Игор Ивановски од оваа партија рече дека Македонија добива старо-нова влада која не се заснова на вредности, принципи и која не работи во интерес на проблемите на граѓаните.

„Таа не смее да ја добие довербата затоа што е прозвод на трампа и пазар на фотељи со јазик, пазар на министри и директори со знаме, пазар на тендери и јавни набавки со амнестија на злосторници и злосторства извршени врз македонските граѓани.“
Владата нема да прифати промена на Уставот, со цел промена на уставното име на Македонија и нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален
идентитет.

Ивановски очекува влада која ќе работи исклучиво за своите интереси, која ќе биде арогантна и ќе продолжи да кажува лаги и да биде арогантна.

Пратеничката група на ДУИ реагираше во поглед на обвинувањата на опозицијата дека владата е резултат на пазарења меѓу коалиционите партнери. Донесувањето на законот за јазикот, знамето, автентичното толкување на законот за амнестија не се дел од партиски пазарења, реагираше Талат Џафери од ДУИ.

„Албанскиот јазик, албанското национално знаме е прашање на толкување на законот кој што го донесе ова Собрание во минатото, во 2002 година во еден друг состав и други околности, се прашања за кои нема пазарање.“

ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ ќе продолжат да бидат гарант за добрите меѓуетнички односи, одговори и Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ќе ве потсетам дека СДСМ е политичката партија која што прва го удри Охридскиот рамковен договор и ги прошири рамките на Охридскиот рамковен договор.“

Собраниската расправа продолжува и треба да заврши до утре на полноќ. Се смета дека владата е избрана ако за неа гласа мнозинството од присутните пратеници. Таа ќе биде осмата по ред влада на независна Македонија. Никола Груевски ќе биде шестиот премиер, кој веќе трет пат ја добива можноста да формира Влада.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG