Достапни линкови

Со свеченост на платото пред Македониумот, на Гумење, започна третото издание на културно-туристичката манифестација Крушево Етно град.

Ако во 1903 нашите предци можеле да го кренат Илинденското востание, нашата генерација е таа што ќе крене туристичко востание. Без разлика на која политичка партија, вера и народност припаѓате, елајте, браќа и приклучете се во нашата идеја за поубаво и побогато Крушево.
На некој начин повторно сите граѓани од Крушево и културно-уметнички друштва од регионот влегуваат во еден голем историски времеплов.

Ова е запишано во новиот Крушевски манифест со кој иницијаторите на проектот „Крушево етно град“ пред три години го означија почетокот на активностите за туристичка преродба на Градот на македонската
револуционерна борба. Со овој проект, инициран од невладината организација Прима центар и од група на јавни работници, до 2014 се предвидува Крушево годишно да го посетуваат над 150.000 туристи, а во градот значително да биде намален бројот на невработени.


„Граѓаните веќе не велат „никој ништо не помага“, туку напротив, еве пола Македонија стои на нивна страна со цел да заживее туризмот во Крушево“, истакнува Ранко Петровиќ од Радио Бубамара.

Тој е човекот, кој заедно со Љупчо Бубо Каров, Васко Тодоров и Бранко Огњановски од продукцијата К15 како најистурени од новата чета културни востаници, стамено застанаа зад оваа плодоносна идеја.
Граѓаните веќе не велат „никој ништо не помага“, туку напротив, еве пола Македонија стои на нивна страна со цел да заживее туризмот во Крушево.

Од таму, тој со право дополнува дека и годинава се очекува масовност бележита за предходните две изданија.

„На некој начин повторно сите граѓани од Крушево и културно-уметнички друштва од регионот влегуваат во еден голем историски времеплов каде ја делат таа глетка и тој амбиент кој се чувстува во тој момент и која е прекрасна, покрај развиорените македонски знамиња, македонски носии, македонски везови, старите традиционални обичаи и ора што е едно незаборавно чувство.“


Годинава, во реализацијата на 15-дневната манифестација, од 24 јули до 10 август, ќе бидат вклучени членовите на 20-тина културно-уметнички друштва кои ќе бидат дел од над 500-те костимирани учесници, а освен фолк-пејачот Наум Петрески и не се очекуваат некои звучни имиња бидејќи идејата е целиот проект да биде реализиран са скромни средства и во амбиент кој ќе потсетува на славното историско минато, на Илинденското востание и првата република на Балканот.

Инаку, активностите од КРУШЕВО ЕТНО ГРАД ќе се спојат со чествувањето на 2 Август - Илинден и на манифестацијата Десет дена крушевска република, а проектот е подржан од УНЕСКО преку Министерството за култура и локалната самоуправа.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG