Достапни линкови

Неделен печат


Весници, магазини, неделници, печат

Весници, магазини, неделници, печат

Исполнувањето на барањата на ДУИ, владините комбинаторики, состојбите во новинарството - дел од темите во неделните печатени изданија.

Дали има таен рок за договор со Грција? - прашува во насловот уводничарот на Фокус, во најновото издание. Па потоа почнува да ги реди аргументите за ова свое прашање - тврдење, всушност: Ахмети го добива тоа што го бараше, Груевски го дава, и тоа авансно, уште пред да објави нова влада, оти ДУИ веќе не му верува на збор. Хашките предмети одат во историјата, на сцена стапуваат албанското знаме и јазик. Како што обично бива, најголемите патриоти ги прават и најголемите национални отстапки, тврди Фокус, за потоа да го додаде редовниот додаток на критика и на опозициската СДСМ: „За жал, СДСМ не се задоволи со елегантно сервирање на тој факт пред заблудените портокалови маси. Тие допрва решија да глумат поголеми мајтапчии од вмровците! Нејсе“ - оди кон својата поента Фокус - „после отстапувањето пред Ахмети, не треба да зачуди виткањето на опашката и пред странците. Груевски е доволно начнат, за тие да не го пропуштат моментот за компромис и со Грција, а со оглед на фактот дека нивната недоверба во него е поголема од онаа на ДУИ, воопшто не би било за чудење, доколку е веќе утврден и рокот. Во делот, де, на тајните договори со Ахмети, кои деновиве ги најавуваа и провладините медиуми. Но за разлика од фамозниот Мајски, овој договор изгледа ќе биде со сите потписи на хартија, ем со право на другата страна да го објави во случај на негово непочитување, па вистината за најголемите ’патриоти‘ да биде целосна!“ - извикува на крајот уводничарот на Фокус.

Повторно за новинарската судбина и за судбината на новинарството во земјава: и Форум и Глобус се занимаваат со оваа тема.

Уводникот во Форум е насловен со: „Руски рулет“ - „Ако политичарот загуби во еден изборен циклус, се надева да победи во другиот. Така се игра во таа игра“ - вели уводничарот, за да констатира дека тоа не може да важи за новинарите. Нивната егзистенција не може да зависи од исходот на изборите, бидејќи избори има често. Особено не за оние кои немаат резервна професија, алудира авторот на моменталната судбина на новинарите на А1 ТВ, но не ги заборава и оние од Сител Телевизија, а и од некои други медиуми. „Ќе има ли новинарството сила да му се противстави на овој руски рулет, и колку жртви ќе треба да преброиме додека заврши овој перверзен комар, во кој новинарите секогаш ќе губат“ - прашува на крајот Форум.

Текстот за состојбите во македонското новинарство во Глобус е насловен со морбиден, но асоцијативен наслов од делата на еден великан на пишаниот збор: „Хроника на една најавена смрт“. Откако дава опширен преглед на различните ставови на самите новинари и на експертите за македонските новинарски состојби, но чии причини можат да се сведат под еден заеднички именител - партизација, авторот на текстот заклучува дека проблемот со македонското новинарство е системски. Прашање е, вели, како да се смени системот, односно, тешко е во држава во која на големо се зборува за партизирана администрација, партизирано судство, за партизирана дипломатија... да се очекува дека новинарството ќе ја избегне таа судбина, затоа што од осамостојувањето па до денес, Македонија не градеше цивилно општество, туку партиска држава, заклучува авторот на анализата во Глобус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG