Достапни линкови

Дневен печат


Составот на новата влада, договорените коалициски закони во Собранието, „освојувањето“ на Советот за радиодифузија, дел од темите во дневниот печат.

Во последниве денови малку се размрда домашната политичка сцена со информациите за тоа дека Груевски и Ахмети конечно постигнале договор за составот на новата влада и за тоа кои луѓе од двете партии ќе ги заземат ресорите во Кабинетот.

Утрински најавува дека Груевски денеска, четврток, ќе го објавел составот на владата, а во истовреме дава опширен преглед на собраниската седница во средата кога пред пратениците се најдоа законите, всушност дел од договорот помеѓу двајцата коалициони партнери уште пред да биде формирана и избрана новата влада. И дека СДСМ ќе поднесе кривични пријави за фалсификат и за злоупотреба на службената должност против Вељаноски поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ го злоупотребува вакуум-периодот до изборот на новата влада на мала врата да се протнат законски измени кои се дел од јулскиот договор Груевски-Ахмети, и кои претставуваат менување на Уставот и проширување на Рамковниот договор како и за антидатирање на поднесените предлог закони.

Како добро информиран, Дневник наведува елементи од тој договор: четирите хашки предмети ќе се затворат, ветераните на ОНА нема да добијат статус, но инвалидите и семејствата на загинатите ќе добијат социјални пакети, ќе се унапреди употребата на албанскиот јазик во Собранието и употребата на албанското национално знаме.

За разлика од Утрински, Вечер објавува дека најдоцна до крајот на недалава персоналниот состав на новата влада ќе биде доставен до Собранието и дека помеѓу двајцата лидери, покрај шпекулациите, немало потпишано договор и дека „Знамињата и јазиците се на брза лента“, во Собранието.

Нова Македонија се занимава со кадровските потенцијали на старо-новите коалициони партнери во Собранието, објавувајќи во насловот дека „Груевски и Ахмети планираат силни момци за битка со СДСМ“, и дека по толку големиот број пратеници од опозицијата партискиот имиџ не можат да го бранат само со бројка што ќе гласа, туку за владините одлуки ќе мора да се борат со силата на аргументите.

Покрај со составот на новата влада, Вечер е заинтересиран за „препукувањата“, како што пишува, меѓу видните членови на СДСМ за состојбите во партијата, цитирајќи главно стари колумни на Бучковски, Венко Андоновски, покојниот Јордановски и на Ѓорѓи Спасов, со наслов: „А е Бранко претседател, СДСМ се фракционира“.

Утрински и Дневник, како и опозиционо настроените телевизии, објавија дека власта го освојува и Советот за радиодифузија со предлогот за зголемување на бројот на неговите членови, кој веќе е во пакетот-закони пред пратениците на Собранието, и со коментари дека тоа негативно ќе се одрази врз и онака загрозената слобода на медиумите во Македонија.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG