Достапни линкови

logo-print

Регионална средба во Охрид


Претседателите на Албанија, Бамир Топи, на Косово, Атифете Јахјага, на Црна Гора, Филип Вујановиќ и на Македонија, Ѓорге Иванов, на средбата во Охрид.

Претседателите на Албанија, Бамир Топи, на Косово, Атифете Јахјага, на Црна Гора, Филип Вујановиќ и на Македонија, Ѓорге Иванов, на средбата во Охрид.

Инфраструктурно и енергетско поврзување, соработка за европските интеграции во корист на стабилноста во регионот – дел од пораките од Самитот во Охрид.

Инфраструктурно и енергетско поврзување на земјите од регионот, заеднички настап пред меѓународните институции, заедничко решавање на прашања кои не засегаат подеднакво преку конкретни акции на владите, невладините организации, економските и други субјекти со цел ефектите да се пренесат и почувствуваат како благодет за граѓаните, порача претседателот Ѓорге Иванов по средбите со претседателите на Црна Гора, Албанија и Косово во Охрид.

Претседателите на Албанија и Црна Гора, Бамир Топи и Филип Вујановиќ од Охрид испратија покана на следната ваква регионална средба идната година во Црна Гора да присуствува и претседателот на Србија, Борис Тадиќ, со цел на највисоко ниво да се подигне почнатиот дијалог меѓу Белград и Приштина, а во духот на подигнувањето на квалитетот на односите и стабилноста и мирот во регионот.

Топи порача дека ако Србија сака да биде членка на ЕУ и таа треба да се придружи на средбите од овој формат каде се дискутира за заеднички проекти и за процесот на интеграција на земјите во ЕУ и НАТО што е заедничка цел.

Како конкретни проекти кои биле приоритетни заклучоци на Самитот, според претседателката на Косово, Атифетe Јахјага, се изградба на заеднички економски зони и автопати, поврзување со коридорите 8 и 10 и Јадранската магистрала, поврзување со морски пристаништа, меѓународни железници, користење на заедничките енергетски ресурси и полесно минување на граничните премини, слободно движење на луѓето, капиталот и идеите и подобра меѓуопштинска погранична соработка.

Отсуството на Србија и Грција од Самитот го остави отворено прашањето дали е можен реален успех на договореното, без учество на овие земји од регионот.

Претседателите попладнево ќе се прошетаат со брод во водите на Охридското Езеро, а ќе го разгледуваат и стариот дел од градот, а вечерва ќе присуствуваат на отворањето на фестивалот Охридско лето.
XS
SM
MD
LG