Достапни линкови

Ваши коментари


Македонија 86 години зад ЕУ, темата по повод реизборот на Црвенковски, интервјуто со амбасадорот Бахура – бројни коментари од слушателите на нашата веб страница.

Дали ја забележавте изјавата на веќе поранешниот американски амбасадор, Филип Рикер? Дека на Македонија ќе и требаат 86 години за да го достигне стандардот на ЕУ! Вџашувачка математика и богами ниту малку оптимистичка. Како коментар на нашите прилози за тоа има неколку пораки.

Кики од Скопје пишува дека малите послушни и исплашени Македончиња си добија тоа што си заслужуваат; претпоставувам дека мисли на исходот од изборите, додека Кокси од Прага, веројатно со утешувачка цел пишува: Истиот проблем што го има Македонија, се појавува и во некои земји на ЕУ, додека Горан од Паланка сликовито објаснува дека тоа било како некој да се вози со брз меѓународен воз, а ти, вели, се возиш со спор товарен воз и треба да го стигнеш. Така можеш да се возиш колку сакаш, а не 86 години, а дистанцата само ќе се зголемува. За да стигнеш треба да се промени превозното средство и дека е можно Македонија да го достигне нивото на развиените западноевропски економии. Горан смета дека не приватниот сектор туку државниот интервенционизам е тоа што може да и' помогне на македонската економија. Иако ова малку заличува на одамна умреното социјалистичко размислување, сепак, право на овој наш слушател од Паланка е да размислува на таков начин.

Нашето неделно интервју со полскиот амбасадор во земјава, Карол Бахура, кој покрај другото смета дека некои нешта не треба да бидат во заложништво на спорот со името, го поттикнало некој слушател, потпишан со Анонимен, своето мислење да го напише на англиски јазик, претпоставувам со цел да го разбере и амбасадорот, ако случајно ја отвора веб-страницата на Радио Слободна Европа. Тој смета дека лошата економска состојба во Грција може да биде друга регионална клаузула за стабилност на регионот од страна на ЕУ или ММФ за Грција - претпоставувам дека смета како еден вид условување на Грција да го реши проблемот со нас, па потоа да добива финансиска помош.

Иако малку поодминато, но информацијата за конгресот на СДСМ и повторниот избор, со тајно гласање, на Црвенковски за негов лидер предизвикало седум-осум ваши коментари, кои повеќето се сведуваат на негативни оценки за Црвенковски, а дали тоа е така ќе покаже како и секогаш историјата. Но има еден коментар на Ице од Скопје во кој ми се допаѓа следнава забелешка: „Во врска со криминалната приватизација за која се обвинува Црвенковски, редно е некој да направи анализа што се приватизира за време на владеењето на СДСМ, а што за времето на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО имаше можност да го промени законот, но не го стори тоа. Зошто?“ - прашува нашиот слушател Ице.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG