Достапни линкови

logo-print

Спелеолошки истражувања во пештерата Пешна


Спелеолози

Спелеолози

Француски и домашни спелеолози секоја година вршат истражувања во пештерата Пешна во чии подземни води живеат ендемски риби со човекова кожа.

Словенија ја има Постоинска јама, а Македонија пештерата Пешна, во која на 200 метри длабочина во подземно езеро живеат човеколики рипки. Француски стручњаци секоја година вршат истражувања и ги откриваат тајните на оваа пештера. Тие досега откриле 4,5 километри, а претпоставуваат дека пештерата е долга над 10 километри. Таа е богата со бројни пештерски украси.
На 200 метри под земја има откриено езерце во пештерата, каде живеат ендемски риби со човекова кожа, нешто што досега го имаше само во поранешна Југославија, во пештерата
Постоина.

„На 200 метри под земја има откриено езерце во пештерата, каде живеат ендемски риби со човекова кожа, нешто што досега го имаше само во поранешна Југославија, во пештерата Постоина и се надевам дека нашата пештера ќе биде конкуренција за таа пештера и уште поголема атрактивност за нашите посетители“, изјави Милосим Војнески, градоначалник на Македонски Брод.

Пештерата Пешна е мошне атрактивна уште при влезот. Отворот е со дијаметар од 50 метри, низ неа понира река која протекува надвор од пештерата, а од влезот излегуваат ендемски лилјаци. Според градоначалникот Војнески, со странска донација ќе биде реализиран проект за заштита на јатото лилјаци кои имаат голема улога во био-системот. Со донација на норвешката Влада годинава е уреден патот што води до пештарата, а според плановите на локалната самоуправа најдоцна в година еден дел од пештерата ќе биде адаптиран за туристички посети.

Градоначалникот на општина Македонски Брод, Милосим Војнески

Но не само оваа, во Поречието има уште 14 други пештери. Пештерата Овчарска која се наоѓа кај селото Слатино, според спелеолозите од земјава и странство, изобилува со прекрасни пештерски украси.

„Многу е мала, но прекрасна, со сталактити и сталагмити. Внатре е топло, во однос на пештерите во Полска и во Романија каде е многу студено“, вели Томаш Павловски, спелеолог од Полска.

„Убавините во пештерата, украсите, коралите, големината на пештерата... секоја пештера има посебна убавина“, вели Дарко Јованоски од Прилеп.
Многу е мала, но прекрасна, со сталактити и сталагмити. Внатре е топло, во однос на пештерите во Полска и во Романија каде е многу студено.

Нив ги затекнавме во оваа поречка пештера. Спелеолозите се восхитени од пештерските украси во Поречието, но порачуваат да се обезбедат средства за нивна заштита.

„Ако продолжат да се посетуваат многу бргу ќе бидат девастирани овие пештери, затоа треба што поскоро да се преземат мерки да се обезбеди нивна заштита. Особено треба да се заштитат влезовите на пештерите, зашто често љубопитни граѓани може да влезат во пештерите, но тоа може да биде опасно за секој човек кој претходно не е обучен, или барем да биде во придружба на спелеолог“, истакнува Дејан Вериго, кој доаѓа од Црна Гора.

Од локалната самоуправа на Македонски Брод истакнуваат дека во последниов период се работи токму на заштита на влезовите на пештерите и нивно адаптирање за туристички посети. За таа цел често во овој регион се одржуваат спелеолошки кампови, на кои присуствуваат спелеолози од многу балкански и европски држави. Тие се всушност промотори на алтернативниот спелеолошки туризам во Македонија, кој што настојува да го развива Општина Македонски Брод.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG