Достапни линкови

Грција на продажба


Аеродромот „Елефтериос Венизелос“ во Атина.

Аеродромот „Елефтериос Венизелос“ во Атина.

Во понудата, меѓу другото, се пристаништа, олимписки борилишта, патишта, банки... Ќе се бараат најдобрите купувачи, што пак, го доведува под прашалник почитувањето на временските рокови како еден од условите за користење на меѓународната финансиски помош, пишува Даниел Хауден во весникот Индепендент.

Она што започна пред еден месец со скромна продажба на 10 отсто од акциите на грчката државна телекомуникациска компанија ќе се забрзува во текот на следните четири години и тоа во невидена аукција на јавните средства, пишува во текстот објавен во Индепендент, во кој се додава дека за замена на кредитот што и потребен за да го избегне стечајот на државата, Грција е принудена да почне вонредна продажба.

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу и министерот за финансии Евангелос Венизелос.

Во понудата се крајбрежјето на земјата, железничката мрежа, енергетскиот сектор, поштата, поранешните Олимписки борилишта, четири авиони од типот Ербас, акции во неколку банки, монополот на обложување, пристаништа, аеродроми, патишта...

И сето тоа во земја на која и требаше повеќе од една генерација и неколку политички кризи за да најде купувач за нејзината прескапа, а сепак болна државна авиокомпанија Олимпик, наведува Индепендент, оценувајќи дека она што ќе се добие за возврат може да се опише како лотарија, ако не се земе предвид фактот дека и државната лотарија е исто така на продажба.
Но, за да го испродаде планираното и во истовреме да ги испочитува меѓународните рокови, владата мора да најде нови купувачи и тоа со динамика по еден на секој трет ден.


Грчкиот премиер Јоргос Папандреу чија Социјалистичка партија национализира многу од средствата што сега се најдоа на продажба ја имаше поддршката од синдикатите. Но, сега токму тие се противат на приватизацијата. ПАСОК очекува од продажбата Грција да заработи 50 милијарди евра.

Но, за да го испродаде планираното и во истовреме да ги испочитува меѓународните рокови, владата мора да најде нови купувачи и тоа со динамика по еден на секој трет ден, наведува весникот, додавајќи дека критичарите на програмата се жалат дека инсистирањето на продажба на понудувач кој нуди најмногу значи дека нема да се постигне ништо за пробивање на постојните монополи или за реформа на секторите кои лошо работат.

По протестите на плоштадот Синтагма во Атина.

Голем дел од вниманието е фокусирано врз државната енергетска компанија каде што вработените веќе штрајкуваат.

Дури и застапниците на приватизацијата истакнуваат дека оваа компанија ќе биде повредна за купувачите како монопол и оти продажбата нема да придонесе за натамошна диверзификација на капацитетот за производство на електрична енергија кој се потпира врз еколошки штетното согорување на лигнитот, единствениот енергетски фосилен извор во Грција, пишува весникот Индепендент.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG