Достапни линкови

Со славната пејачка Шакура Саида од САД и германскиот гитарист Грегор Хилден како главни ѕвезди ќе се одржи 15-то јубилејно издание на Блуз и соул фестивал.

Промовиран во сега далечната 1996 година, со холандската саксафонистка Кенди Далфер и Бразилецот Жоао Боско како носители на програмата, Блуз и соул фестивал во изминативе 15 години од случување кое што му дава особен белег на Скопско лето како културна манифестација израсна во вистински празник за љубителите на овој жанр во цела Македонија. Од таму, сосема разбирливо е што и годинешново јубилејно издание се очекува со нагласено внимание, особено сега кога се знае дека програмски е посилно отколку последниве неколку кои се одвиваа притиснати од хроничниот недостаток на средства.

Фестивалот е планирано да го отвори белградскиот состав ТЕКСАС ФЛОД, кој се смета за еден од најдобрите во Србија и во чија музика се нагласени влијанијата на рокенролот. Следува американската пејачка и мултимедијална уметница Шакура Саида која на овдешните блуз зависници ќе им го претстави својот минатогодишен, патем одличен албум Brown Sugar, сниман со легендарниот Џим Гејнс како продуцент. Интересен е и фактот што во нејзиниот бенд музицираат еден од најдобрите инструменталисти на хемонд-органа Ленс Андерсон и особено младата сензационална гитаристка Дона Грентис.

„Она што можеби ќе ве интересира е дека нејзините корени се македонски, нејзините дедо и баба потекнуваат од Лерин и како што ми вели таа во нејзината куќа секогаш се зборувало македонски“, истакнува Васја Ивановски, програмски селектор на фестивалот.

Втората вечер ќе започне со перформансот на 5 ИКС ЕЛ, составот кој во Скопје доаѓа благодарение на Бугарскиот културен центар во земјава и чиј оснивач е еден од најдобрите тамошни гитаристи Божидар Димитров Боро. По нивниот сет во кој има оригинални теми и селектирани композиции од лектирата на електричниот блуз, годинешното издание на манифестацијата е планирно да биде заокружено со ГРЕГОР ХИЛДЕН БЕНД од Германија и нивната гостинка – американската пејачка Хериет Луис.

„Станува збор за одлична вокалистка“, дополнува Ивановски.

Инаку, ова јубилејно издание на Блуз и соул фестивал е и последното кое ќе се одвива во рамките на Скопско лето бидејќи од септември идната година организаторот - Комисијата за култура на град Скопје најавува негово осамостојување што претпоставува збогатување на програмата и нејзино одвивање во уште неколку дена.

Годинава Блуз и соул фестивал е помогнат со 250.000 денари од Град Скопје и со учество на неколкумина спонзори, а во случај на временски неприлики концертите ќе се одвиваат во Универзална сала.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG