Достапни линкови

Подобрување на условите во воспитно-поправните установи


Поголема ресоцијализација на малолетните затвореници, подобрување на условите, обука на кадрите – дел од забелешките од проектот „Децата и нивните права во воспитно-поправните установи“.

Поголема ресоцијализација на малолетните затвореници, перманентно подобрување на физичките услови во казнено-поправните домови и континуирана едукација на кадрите од сите надлежни институции, за доследна имплементација на законската регулатива. Ова се дел од препораките на Народниот правобранител, но и во извештајот за прогрес на Европската Комисија со цел да се утврди генералната состојба на воспитно-поправните установи во државата, можностите за нивно подобрување, но и поголемо остварување на детските и човековите права на штитениците во овие установи.
Немаме постојано доволно материјални можности да ги посетуваме штитениците онолку, колку што предвидува законот и колку што има потреба. Проблем е исто така и кадровската екипираност на центрите за социјална работа.

„Што значи подобра имплементација на законите кои што се носат во Република Македонија и апсолутно подобрување на условите во затворските установи, а исто така и во воспитно-поправните установи каде што се штитениците на возраст помеѓу 14 и 18 години. Треба да се направи ресоцијализација на штитениците, препораките се апсолутно во насока на подобрување на физичките услови на овие установи“, вели Марина Ѓорѓиоска Китаноска од прилепскиот Центар за граѓански иницијативи кој што го спроведува проектот „Децата и нивните права во воспитно-поправните установи“, со финансиска поддршка од германската амбасада во Македонија.

Според оценките и пренесените забелешки на штитениците, треба да се преземат мерки за оддвојување на малолетните од возрасните затвореници во затворот во Охрид, а додека состојбата во другите две казнено-поправни установи за малолетници во Скопје и Велес е на задоволително ниво. Но, државата треба да оддвојува што повеќе пари за што поголема професионализација на стручните кадри кои работат со овие малолетни граѓани.

Илустрација: Затвор

„Немаме постојано доволно материјални можности да ги посетуваме штитениците онолку, колку што предвидува законот и колку што има потреба. Проблем е исто така и кадровската екипираност на центрите за социјална работа. Социјалните работници се преоптоварени понекогаш, работат на повеќе категории. Тоа не спречува да ги остваруваме контактите непосредно со малолетниците кои што се на извршување мерка, упатување во воспитно-поправен дом, или во воспитна установа, а тие посети, позитивно влијаат врз нив“, вели Убавка Шипинкоска, социјален работник во прилепскиот Центар за социјална работа.

Според Миле Димоски, судија во битолскиот Основен суд, за да се постигнат поголеми ефекти потребна е постојана едукација на сите кадри и нивна професионализација, која би можело да се реализира во соодветни тренинг центри.
Немаме постојано доволно материјални можности да ги посетуваме штитениците онолку, колку што предвидува законот и колку што има потреба.

„Недостигаат и средства и кадар, овој кадар е специфичен кадар, без разлика што се работи за социолози, педагози, психолози, правници и други структури. Меѓутоа основните предзнаења не се доволни за работа како пенолог“, вели Димоски.

А, претседателот на прилепскиот Основен суд, Јане Тренчески, ја акцентира соработката меѓу надлежните институции на локално ниво.

„Со сигурност тврдам дека во Прилеп не постои ниту една кочница во релација со Центар за социјална работа и комуникација со воспитните установи во Република Македонија“, истакнува Тренчески.

Инаку во моментов во трите казнено-поправни установи во државава на издржување мерка се 40-ина малолетни штитеници.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG