Достапни линкови

Неделен печат


„Груевски го чекаат големи предизвици и тешки одлуки“, „И реформите деформираат“ – дел од насловите во неделните печатени изданија.

Зошто не не' интересира новата власт, прашува во една од своите колумни неделникот Глобус и заклучува дека да не беа возбудливите протести на младите околу Собранието, никој немаше ни да забележи дека, како што пишува, „Трајкота по втор пат го избрале на истата функција“. Електролизата на транзицијата успеа да не' подели на маса исчистена од политички разум и чувства и политика исполнета со инфантилност, неконтролирана грабежливост, безмерна деструктивност. Од друга страна, се' додека Европа не престане со парадната политика и не им погледне в лице на одвратните, антидемократски, тоталитарни, антиевропски и антицивилизациски процеси што се одвиваат во Македонија нема совршено никаква смисла да очекува дека режимот во Скопје ќе реши некои проблеми што и' тежат и на Европа. Режимот е проблем, драг мој господине Филе, резигнирано, покрај другото, пишува авторот на колумната во Глобус.

„Груевски го чекаат големи предизвици и тешки одлуки“ - анализира во својот едиторијал Форум, кој наведува дека, покрај другите, тоа ќе биде и решавањето на спорот со името со Грција, затоа што токму овој спор ќе биде лакмусовата хартија која ќе го покаже неговиот државнички капацитет во кој сега многумина се сомневаат. Никој не верува дека Груевски ќе биде човекот кој ќе го направи компромисот со Грција, прво затоа што постојано нагласува дека ќе го зачува името и второ затоа што едноставно, нема храброст да го направи тоа. Но, политиката е чудна професија, пишува неделникот. Пред пет години, Груевски не сакаше ни да се ракува со Али Ахмети, а потоа тој стана коалициски партнер во неговата влада и тоа партнерство се' уште трае, некако пророчнички заклучува Форум.

И Фокус се занимава со Груевски во текстот со наднаслов „И реформате деформираат“. Веќе шеста година, пишува неделникот, на власт е Груевски со дружината, но и натаму опсесивна преокупација им е опозицијата. Таа е злото што им ги блокира реформите, таму е концентрирана безмалку сета предавничка багра, од тие редови се полни затворот во Шутка… И, сега, кога реформите, ѓоа, победија, а им остана нешто ситно да ’окупираат‘ - сетики искажуваат грижа да се реформирала и СДСМ? - продолжува Фокус, за да праша што Груевци третираат како реформа? Оти, дали бесплатно ќе се бањаат и возат пензионерите, дали некој изградил се' што ветил, дали уште нешто бесплатно ќе им биде дадено на граѓаните… не е реформа, која зависи од тоа како државата ги третира демократијата, слободите и правата на граѓаните. Е, тука Груевски не само што не ја реформира, туку ја деформира и така кршливата демократија во Македонија! - заклучува Фокус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG