Достапни линкови

Интервју – Живко Митревски


Живко Митревски, претседател на ССМ

Живко Митревски, претседател на ССМ

Факт е дека дефинитивно синдикатите многу поактивно треба да работат на терен, вели Живко Митревски, претседател на ССМ, во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој се заканува со штрајк, ако не се утврди минимална плата, иако е оптимист дека Синдикатот овој пат ќе успее.



Деновиве имавте средби со претставници на Светската банка со кои разговаравте на тема, невработеност. Кои се заклучоците и препораките од средбите со нив?

Дефинитивно се договоривме да не се потпишуваат договори со кои ќе се кредитираат клучни објекти или патишта од Светска банка, доколку претходно не бидат утврдени социјални стандарди за кои соодветните изведувачи и подизведувачи ќе гарантираат дека ќе бидат применети. Значи со тоа обезбедуваме една институционална основа во старт да се почитуваат социјалните стандарди, а доколку не се почитуваат во тој случај да се оневозможи пристап во користење на кредитите.

Тоа значи дека државата нема да добие пари доколку фирмите кои работат за неа не ги почитуваат правилата?

Апсолутно. Доколку изведувачите и подизведувачите на тие работи не потпишат посебна клаузула со која се гарантира социјалната сигурност на работниците, вклучувајќи ја и исплатата на платите, потпишувањето на колективни договори како и користење на соодветени средства за безбедност при работа, не ќе може самата држава да ги добива кредитите за намени за кои ќе треба да се реализира.

Изјавивте дека планирате да ја држите политиката подалеку од Синдикатот за разлика од вашиот претходник и дека нема да постапувате како него. Од друга страна ја повикавте опозицијата на предвремени избори и на само неколку дена пред изборите се сретнавте со премиерот Никола Груевски, зошто?

Факт е дека ССМ поведе четири до пет иницијативи за измена на закони во Македонија, факт е дека социјалниот дијалог заради неприсуството во органите и телата на Собранието не можеше понатаму да се практикува, значи имавме измени на закон за работни односи каде што постигнавме согласност за клучни прашања, а сето тоа не можеше да се реализира заради неприсуството на опозицијата. Значи имаше конкретни проблеми во делот на функционирањето на социјалниот дијалог заради нефункцинирањето на парламентот, значи тоа беше причината да повикаме ваквата непријатна состојба која не можеше да даде никаков резултат и која можеше да предизвика и дополнителна социјална криза да биде брзо разрешена. Што се однесува до средбата не посредно пред изборите, знаете дека во мај започнавме иницијатива околу утврдување на минимална плата покрај останатото една од суштинските определби на синдикатите треба да биде негувањето и културата на социјалниот дијалог и на преговарањето и сега замислете позиција каде што имате иницијатива за една од клучите историски активности кои што треба да ги направат Синдикатите, а притоа добивате покана од премиер на Македонија со цел јасно да го профилира ставот дека ваквата иницијатива е прифатена од владата. Мислам дека секое поинакво однесување би значело една крајна непринципиелност во застапувањето на интересите на работниците, што би значело претседател на една најголема синдикална организација да не оди на разговори со премиер за едно од најсуштинските прашања. Културата на социјалниот дијалог дури и пет минути пред избори да е, а доколку станува збор за премиер на влада или друг социјален партнер кој побарал да разговара за клучни суштински прашања, тоа останатиот социјален партнер треба да го почитува и да го негува. Впрочем замислете позиција, што ако социјалниот партнер кој бара реализирање на одредена активност не дојде на разговори со цел да биде разрешено тоа прашање за кој што повел иницијатива, во тој случај можеме да зборуваме за политиканство.

Зошто преговаравте токму пред изборите? Рековте тоа е суштината, но што е со тајмингот? Точно пред изборите отидовте на преговори со премиерот за минимална плата, не можеше ли тоа да почека после изборите?

Значи ние разговаравме во повеќе наврати за ова прашање. Не беше тоа прв или последен пат, меѓутоа прашањето беше дали и во колкава мерка владата ќе го прифати тоа наше барање и моментот кога беше донесена таа одлука дека ќе биде прифатена, едноставно ни беше пренесено од страна на премиерот на Република Македонија. Што се однесува до реакциите, реакциите беа само од два Синдикати или три, меѓутоа станува збор за една координирана активност која ја имавме во смисла на тоа што претходно ги разгледувавме сите опции во делот на нашето позиционирање околу ова прашање така што некои пошироки реакции околу тоа прашање нема, можеби имаше проблеми околу информираноста и околу начинот на одржувањето на средбата со оглед на тоа што дополнително некои колеги ги добија тие информации, вие видовте дека немаше понатаму некое проблематично однесување на тој план. Замислете ССМ се жалеше години наназад, седум, осум години наназад, дека нема можност да реализира социјален дијалог, еве сега откако постои можноста за социјален дијалог, какво би било однесувањето на ССМ да не оди да реализира социјален дијалог и преговори без оглед на тоа дали станува збор за ваков или таков тајминг. Тајмингот го одредува тој што смета дека во тоа време би требало да разговара.

Вашиот претходник Ванчо Муратовски своевремено повика да се гласа за СДСМ за да се остварат барањата на Синдикатот, тогаш тоа беше сватено како политизација на Синдикатот. Како тогаш може да се свати ова?

За разлика од тогаш кога имаше повик на синдикален лидер да се гласа за одредена опција, во конкретниов случај немав таква изјава, изјавата беше да го констатираме напредокот во делот на тоа што иницијативата на ССМ е прифатена од страна на Владата на РМ, ништо повеќе, ништо помалку, значи никаков повик немаше за определување, напротив констатирање дека иницијативата за едно од најклучните прашања е прифатена и дека оваа иницијатива е реализирана во разговори со премиер на Влада на РМ.

Очекувате ли Владата да ви ги исполни овие ветувања што ви ги даде пред избори за оваа иницијатива?

Оптимист сум и мислам дека тие ветувања што ги даде Владата, ќе бидат реализирани, впрочем ако не бидат реализирани на Синдикатите им стојат на располагање и други мерки и активности кои можат да ги превземаат.

Какви мерки планирате да превземете доколку не се реализираат вашите барања?

Во агендата на синдикалното дејствување ако не се успее со преговори понатаму се оди со одредени протести, со одредени предупредувања вклучително и основното средство кое е крајно, а тоа е штрајкот за кое што се надевам и мислам дека нема да дојде со оглед на тоа дека сум оптимист дека ќе бидат прифатени нашите барања.

Во медиумите Ве видовме на средба со премиерот, но невидовме ваша реакција по загинувањето на градежните работници, загинаа неколкумина за само два месеци. Што презема Синдикатот за да се истражи одговорноста околу овие смртни случаи?

Имавме реакција, до Министерството за труд и социјална политика, имавме реакција до Државниот инспекторат и тоа пред да дојде до оваа непријатна ситуација, каде што укажувавме на тоа дека задолжително мора да се почитуваат законските определби посебно во делот на работење за време на празник. Можеби бевме и единствените кои претходно имавме доставено, очигледно тоа јавноста не го знаеше и веднаш тоа што го предложивме и што го прифативме е формирање на посебна Комисија во рамките на гранскиот синдикат на градежништво која ја упативме да направи контроли во сите оние работилишта и претпријатија кои се членови во рамките на синдикатите.

Заклучоци од тие контроли?

Значи ние констатиравме дека безбедноста не е на највисоко ниво во одредени претпријатија таму каде што сме, за жал тие несреќи се случија таму каде што нема синдикално организирање и затоа апелиравме дека максимална заштита може да биде обезбедена само ако има синдикално организирано членство.

Работниците во медиумите се жалат дека се чувствуваат недоволно згрижени од Синдикатот, зошто немате поактивна улога на терен?

Факт е дека дефинитивно синдикатите многу поактивно треба да работат на терен, но тоа пак зависи од цел еден систем на организирање кој треба уште повеќе да се организира.

Во меѓувреме се појавуваат уште повеќе градежни работници кои се жалат дека неземале плата, не се осигурани, работодавците ги тераат да потпишуваат бланко отказ во моментот кога се вработуваат. Како реагира Синдикатот на ова?

Факт е дека ние дефинитивно можеме да водиме грижа за оние работници кои се синдикално организирани, за кои знаеме дека се присутни во фабриките, за кои знаеме дека се прави евентуална експлоатација или дека им се повредуваат правата. Значи не можеме да бидеме присутни во оние претпријатија каде што нема синдикално организирање, бидејќи едноставно тоа не го знаеме. Можноста за експлоатација, можноста за злоупотреба на правата на работниците, исклучително е голема онаку каде што не се синдикално организирани во однос на останатите.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG