Достапни линкови

Македонистите и Славистите собрани во Охрид


Семинарот за македонистика во Охрид

Семинарот за македонистика во Охрид

На 44-от Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура средба на Македонистите и Славистите од земјата и светот.

По 44-ти пат, Меѓународниот семинар за Македонски јазик, литература и култура, годинава во Охрид ги собра Македонистите и Славистите од земјава и светот, на традиционалната школа на која во следниве 15 дена ќе учествуваат 120-тина лингвисти од 24 земји.
Покрај лекторските вежби и курсеви, преведувачката работилница 38-мата научна конференција за Македонистика, во фокусот на програмата која ги опфаќа Македонскиот јазик, историјата, археологијата и културата, ќе бидат два јубилеи 150 години од објавата на зборникот на народни умотворби од браќата Миладиновци и 90 години од раѓањето на Блаже
Конески, како и теми за Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски и Коле Чашуле. Интенцијата на семинарот е со заложба и поддршка на државата да се отворат што повеќе македонски лекторати, кои сега ги има 11, и повеќе од постојните 19 центри во светот, за што има најави за Киев
- Украина, Сеул Јужна Кореа, Љубљана Словенија, Словачка и Шпанија.

„Сега има 11 лекторати како што спомна ректорот, 19 центри имаме во кои не работат наши кадри, но работат странски Македонисти. Ние настојуваме тој број од вкупно 30 универзитети, да го зголемиме затоа што тоа е во наш интерес, на нашето национално битие.“

вели Максим Каранфиловски, дирекор на семинарот, на кој иако со намален престој од порано, кога школата траеше по еден месец, дојдоа Македонисти од различни меридијани, некои прв пат ќе го учат Македонскиот јазик, а други се веќе традиционални учесници, па го предаваат во своите земји.

„Јас значи работам како професор по Македонска книжевност во две гимназии во Словенија, во Љубљана и Марибор, а претходно работев на факултет одржував вежби. Сега работам со Македончиња, и тоа ми е супер, зато што децата веќе знаат Македонски, не мора да ги учам да зборуваат Македонски. Инаку, што се однесува на Словенците, тие се интересираат, ама малку им е тешко, затоа што сепак Македонскиот јазик им е различен, тој е нешто друго, не е баш сличен на Словенечкиот и треба многу да се учи.“

вели Соња Должан од Љубљана, според која интересот за учење на Македонскиот во Словенија во споредба со другите Словенски јазици е многу помал, поради неможноста да најдат работа Македонистите.

„Јас сум тука по прв пат, специјално дојдов за летната школа, езерото и природата се многу прекрасни. Сега ќе почнам да го учам Македонскиот јазик, јас сум Славистка, учев Руски и Бугарски, сега се интересирам уште и за Македонски, затоа што имам интерес за Јужнословенските јазици.“

вели Чае Ју Ѓунк, која сака да го предава Македонскиот јазик во Јужна Кореа.

„Сега го предавам Македонскиот јазик во основно училиште во Москва, на деца Руси, кои се многу заинтересирани за него, затоа што тие сакаат да учат нешто необично. Сите знаат Англиски, а Македонски никој, па тие сакаат да се посебни и да се запознаат со Македонската култура.“

вели Малина Костриченко од Москва. која е трет пат на семинарот, седум години го учи Македонскиот јазик, за кој во Русија според неа интересот се зголемува. Учесниците на летната школа што во Охрид ја организира Универзитетот "Свети Кирил и Методиј" со Министерствата за култура и образование, се сметаат за наши најдобри амбасадори во светот.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG