Достапни линкови

logo-print

Прашањето во Хајд паркот: Дали споменикот на Александар Македонски треба да се преименува и дали ни требаше – предизвика рекорден број коментари од нашите слушатели.

Ако мислевме дека прашањето за хомосексуалноста или интервјуто на Љубчо Георгиевски предизвикаа исклучително многу ваши коментари, тогаш, се чини, се прелажавме. Прашањето во Хајд паркот дали споменикот на Александар Македонски на плоштадот во Скопје треба да се преименува и дали ни требаше тој и таков споменик - досега предизвика дури 69 ваши интернет-пораки, почитувани, што, барем за сега е апсолутен рекорд. Нема да можеме, се разбира, сите да ги препрочитаме, но еве, и денеска, како и минатиот понеделник, уште некои од нив:

Лиле од Скопје му се чуди на Гоце Македонски кој смета дека споменикот требало и порано да се направи, ама, можеби немало услови. Да видиш па да не веруваш - коментира Лиле, тоа е како да имаш 100 денари и со нив можеш да купиш јадење или списание, и ти ги трошиш парите на списание! Луѓе, не се правете патриоти, од патриотизам не се живее, борете се за својот идентитет со историски докази, а не со коњ од 9 и пол милиони евра! - извикува на крајот Лиле.

Слушателот кој се потпишува со Јас порачува дека паметните се занимаваат со иднината, а Грците и Македонците со минатото. Бедно, коментира Јас. Цане од Скопје, исто така, е лут. Срамота, вели, за еден коњ и за една ламарина да се дадат 9 и пол милиони евра, а народот буричка по контејнерите. Е, Грујо, Грујо, му се обраќа Цане на премиерот, имаш ли лице да излезеш пред тие луѓе?

Сирма војвода пишува: Браво за
Рекорден број коментари од слушателите за споменикот на Александар Македонски

Македонија! Да, ни требаше нешто такво и треба да се вика со вистинското име, без разлика дали им се допаѓа на Грциштата или не,коментира со малку повеќе жестина Сирма војвода од Скопје.

Ванчо се гордост ја дава својата поддршка за реализацијата на дејата за споменик на Александар во Скопје и им препорачува на сите Македонци да ја прочитале и научеле малку повеќе историјата за античките Македонци, па ќе знаеле кои биле тие.

Стојан од Шведска исто така се одушевува од споменикот и вели: Да живеат сите што придонесуваат за позитивни промени во Македонија. Даме од Минхен се гордее со ова и со другите дела на Груевски за кого вели дека мислел и на културата на народот и на државата. Некој слушател потпишан со Анонимен пишува дека Александар бил најголемиот воин во историјата на човештвото со многу славни победи во својот краток живот. Јас би ја нарекол скулптурата ,,Кон победа,, отсликувајќи ја суштината на неговиот живот, завршува Анонимниот.

Наспроти овие пораки, Гагарин од Скопје прашува: Дали некој ме праша мене, тебе или него дали сакам таков споменик? - па продолжува дека ќе му треба многу труд и енергија за да му докаже на некого дека магарето не лета, затоа што, вели, напорно работам за да заработам и не трошам туѓи пари за мои цели како што прават со проектот. Времето е застанато во Македонија, најлесно е простите да ги залажете да сеат национализам и омраза, завршува Гагарин од Скопје.

Дали ни требаше новиот споменик на плоштадот во Скопје, а кога веќе го има, како да се вика „Воин на коњ“ или „Александар Македонски“? Вашите коментари ги очекуваме тука.


  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG