Достапни линкови

(Не)Променета политичка сцена


Додека ВМРО ДПМНЕ и ДУИ преговараат за идната влада, СДСМ најавува опозиционен фронт со истото раководство.

Преговорите за формирање на нова влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се одвиваат во фер и конструктивна атмосфера. Речиси идентични соопштенија до јавноста испратија двете партии кои веќе некое време не даваат конкретни изјави околу ова прашање. Содржината и текот на преговорите се чуваат во тајност, а двете партии информираат дека истите се одвивале во насока на обезбедување партнерски однос базиран врз досегашната доверба и принципиелни односи.

Во меѓувреме, опозицискиот Социјалдемократски Сојуз потврди дека Бранко Црвенковски останува на функцијата претседател на партијата. Општа е констатацијата дека Црвенковски не само во рамки на партијата, туку во рамки на опозициониот фронт, треба да биде предводник на борбата против оваа власт, рече Јани Макрадули од оваа партија.
Сега сме во фаза на преговори со СДСМ да формираме три пратенички групи. Ако од нешто Груевски се плаши во изминатиот период, тоа е од организиран настап на опозицијата.

Новата Социјалдемократска партија не сака да ја коментира позицијата на Црвенковски во неговата партија, иако таа ја предводи опозиционата коалиција. Горан Мисовски од НСДП вели дека останувањето на Црвенковски на местото лидер е интерна работа на СДСМ. Уверува дека во идниот парламентарен состав опозицијата ќе дејствува заеднички и организирано.

„Сега сме во фаза на преговори со СДСМ да формираме три пратенички групи. Ако од нешто Груевски се плаши во изминатиот период, тоа е од организиран настап на опозицијата... Е ние таков организиран настап ќе имаме и во следниот парламентарен состав.“

Бранко Црвенковски останува на чело на СДСМ

За политичките експерти, ова решение на СДСМ не е изненадување. Политикологот Алберт Муслиу вели дека партијата е понесена од резултатите на изборите, кога беше забележана зголемена поддршка за опозицијата од околу 60 проценти.

„Тоа е причината зошто тие се одлучиле да се продолжи со тој чекор, односно да се продолжи со старо новиот претседател на опозицискиот фронт и заради тоа што оваа сегашната формула им покажа подобрување на резултатите и јас мислам дека ќе се обидат тоа да го надоградат“, изјави Муслиу.
Оправдувањето дека освоиле повеќе гласови во однос на минатите избори според мене не е доволен аргумент за да остане еден лидер на политичката
сцена.

Поинакво е мислењето на директорот на Институтот за демократија и граѓанско општество, Владимир Мисев. Според него, Социјалдемократите покажале дека не ја научиле лекцијата од последните изборни порази. Една од основните демократски придобивки е промената на лидерството во политичките партии, вели Мисев:

„Оправдувањето дека освоиле повеќе гласови во однос на минатите избори според мене не е доволен аргумент за да остане еден лидер на политичката сцена, посебно после толку многу циклуси, после толку многу години лидерство во една политичка партија.“

Аналитичарите не очекуваат драстични промени во начинот на кој старо-новиот претседател на СДСМ ќе ја предводи опозицијата. Сепак, сугерираат на потребата од кадровски промени и поконструктивна улога на опозицијата во државните институции.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG