Достапни линкови

logo-print

Денови на македонската култура во Лондон


Македонска уметност, култура и традиција е насловена манифестацијата што од 16 до 22 јуни ќе се одржи во Лондон, Велика Британија.

Во престојните шест дена, во културниот центар Спиро-Арк во срцето на британската престолнина – Лондон, со повеќе случувања ќе биде промовирана нашата култура и уметност. Манифестацијата е именувана како Македонска уметност, култура и традиција и ќе биде отворена со изложба на цртежи од Малиот битолски Монмартр, фестивалот кој годинава ја прославува 30-годишнината од своето постоење. На оваа поставка ќе бидат претставени 70-на дела на тема традиционална архитектура изработени од деца од целиот свет, учесници на изминатите сесии, а промотор ќе биде Горан Стефановски, познатиот писател и амбасадор на македонската култура во Велика Британија. Настанот ќе биде збогатен со 20 минутен пијано рецитал на младата Антонија Јовановска која живее во Лондон и која ќе свири дела од славниот Морис Равел.

Манифестацијата продолжува на 20 јуни со прикажувањето на краткиот филм Чудесна Македонија, а потоа г-ѓа Радојка Хелман Денковска ќе одржи предавање на тема Еврејската заедница во Македонија.
Случувањето, кое како соорганизатори го потпишуваат МАГ – култура и искуство од Скопје и лондонската Про-арт енд компани, ќе кулминира два дена подоцна со настапите на децата од фестивалот Златно славејче кои ќе се претстават со дел од својот најнов репертоар и со перформансот на Бојана Фабел која ќе понуди изведби на македонски стилизирани народни песни и одбрани композиции од балканската музичка традиција.

Ќе биде одржано и предавање на тема Еврејската заедница во Македонијa

„Идејата за оваа манифестација е пред се претставување на македонската култура низ светот, но овој пат во Лондон се обидовме да ја преставиме т.н. млада македонска култура“, истакнува Гоце Димовски од МАГ.

Инаку, ова здружение цела една декада работи на проектот Претставување на македонската култура низ светот и досега има реализирано голем број театарски гостувања и концерти во Австралија, Америка и во Европа. Само во последниве неколку години МАГ – култура и искуство во Велика Британија ги организира концертите на групите СИНТЕЗИС, ЛЕБ И СОЛ, ФОЛТИН, ИНФЈУЗ и други, а на тамошната публика и ги претстави и проектите на Малиот драмски театар и Турскиот театар.

За идните планови Димовски со дополнение:

„Наесен Македонија ќе ја преставиме со една до две џез триа или квартети на џез фестивалот на кој минатата година настапи Четкар, Тавитијан брадерс итн.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG