Достапни линкови

Со одбир на хитови од својата долга и плодна кариера, во салата Борис Трајковски, во Скопје, ќе настапи Џо Кокер.

По Боб Дилан и Карлос Сантана, македонската публика ќе има можност да види уште една голема легенда на светската популарна музика. Во Скопје, во рамките на својата европска турнеја, ни доаѓа Џо Кокер – најдобриот бел блуз-рок и соул пејач, еден од оние кои безмалку половина век ја испишуваат историјата на рокенролот.

Џон Роберт Кокер, роден на 20 мај 1944 година, стана популарен во 60-те години на минатиот век со неговата емотивна блузирана изведба на класичниот хит на БИТЛСИ – With a Little Help From My Friends и особено со несекојдневниот настап на фестивалот Вудсток. Потем во родната Велика Британија на врвовите на топ листите се искачуваше со уште неколку обработки како Delta Lady и She Came in Through the Bathroom Window, но планетарната слава ја постигна по преселбата во САД каде првите три негови изданија станаа платинести, а од критиката многуфалениот концертен албум Mad Dogs and Englishmen се најде на листата на 10-те најдобри.

Влезен до коска во машината на суровиот дискографски бизнис, настапувајќи во 48 градови за само 56 дена, тој за да го издржи наметнатото темпо им се препушта на алхохолот и дрогите, пороците што ќе го следат и во проблематичните за него 1970-ти години.

Следната декада започна многу успешно за Кокер. Тој сними дует со Џенифер Ворнс, песната Up Where We Belong беше земена како тема во филмот Офицер и џентлемен во кој главната улога ја толкува Ричард Гир, а заработката се искачи на фантастични 100 милиони долари. Ова подразбира дека двојката не само што го доби својот прв хит сингл кој се искачи на врвот на американската топ листа, туку беше супериорна и на доделувањето на наградите Златен глобус и БАФТА, а подоцна доби и Греми за најдобра поп изведба за дуо или група со вокал.

На крилјата на ваквиот успех Џо Кокер нанижа серија на комерцијално успешни албумски остварувања како Civilized Man, Unchain My Heart, One Night Of Sin... во 1994 година триумфално настапи на 25 годишнината од славниот Вудсток фестивал каде беше еден од ретките кои со многу енергија потсетија на историското минато, неговиот глас може да се чуе и на блокбастерите како Девет и пол недели, Бикот од Дурхем ... а во 2007 година легендарниот пејач доби орден од Британската империја за неговите заслуги на полето на популарната музика.

Конечно Кокер, со 26 регуларни остварувања и дузина компилации зад своето име, веќе во години кога има раскрстено со малиганите и води обичен семеен живот, доаѓа да ни претстави дел од магијата по која го препознава светот. Тој е пејач кој сопствениот успех го темели на изведбите на туѓите класици, човек кој се движел од рокенролот, преку блузот, соулот, реге музиката до она што денес се именува како здрав поп, но кој својата душа ја распостилал врз секој отпеан стих и кој гине на сцената. Еден од ретките кои останаа простум и затоа неговиот концерт во салата Борис Трајковски е нешто што не треба да се пропушти. Ако ништо друго барем како прочитување на обавезната лектира која ќе ни отвори поинакви видици.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG